„Листајќи по социјалните медиуми и гледајќи ги сè потенките силуети на познатите личности, се чувствувам непријатно“, напиша новинарката на „Њујорк пост“, Алисон Лакс. Најдрастичен пример за „Оземпик тело“ можеа да се видат кај Аријана Гранде и Синтија Ериво за време на промотивната турнеја за филмот Wicked: For Good.
„Да, зборуваме за убави, талентирани и влијателни жени. И да, коментирањето на изгледот на познатите личности често е непријатен терен. Гранде дури предупреди дека е „опасно“ да се критикуваат телата на другите луѓе. Но, изразувањето загриженост за опасниот тренд не е срамотење, туку неопходна реакција на проблем што станува сè повидлив“, додава новинарката.
Холивуд буквално се „топи“ пред нашите очи
Ѕвездите како Гранде и Ериво на новите фотографии изгледаат послаби од кога било. Ла Тоја Џексон, сестрата на Мајкл Џексон, гордо ја покажува својата „болно“ витка фигура на социјалните мрежи, додека бројни познати личности - од Ејми Шумер до Меган Трејнор - јавно зборуваат за големо губење килограми, често со нагласени клучни коски и пропаднати образи.
„Време е да се каже она што долго време се шепотеше: Овој тренд на слабеење е алармантен и може да има сериозни последици врз младите луѓе кои ја обликуваат сликата за своето тело и здравје“, напиша Алисон.
Аријана Гранде е пример за многу девојки
„Овој бран на масовно губење на тежината кај познатите личности буди во мене мешавина од гнев и разочарување - особено кога станува збор за Аријана Гранде, која, додека бев тинејџерка бев опседната со серијата „Викториус“, а неа ја доживував како пример. Страшно е да се помисли дека постојаното изложување на овие слики може да поттикне незадоволство од сопствениот изглед, што потоа лесно се претвора во сериозно нарушување во исхраната. Јас самата знам колку малку е потребно: прескокнат оброк овде, споредба онде - и така сè во круг.“
Влијанието врз младите
Младите луѓе денес се чувствуваат исто. Ноел, 17-годишна матурантка од средно училиште од Пенсилванија, признава дека фотографиите со екстремно слаби познати личности на Инстаграм и ТикТок ја тераат да се запраша: „Дали сум доволно убава? Дали моето тело е она што е општествено прифатливо? Дали се вклопувам?“
Таа додава дека во нејзиното друштво сè повеќе слуша коментари како: „Не изгледам како оваа... Не изгледам како неа...“ затоа што познатите личности наметнуваат нови, сè построги стандарди.
Експертите стануваат сè погласни
Диететичарите и експертите за нарушувања во исхраната предупредуваат дека ненадејното враќање на екстремната слабост е загрижувачко.
Дебoра Малкоф-Коен, диететичарка со повеќе од две децении искуство, вели дека препишува лекови GLP-1 само на пациенти на кои им се потребни, и само кога диетата и вежбањето не даваат резултати. Таа истакнува дека лековите кои го потиснуваат гладот, можат да бидат опасни за луѓе со историја на нарушувања во исхраната.
Кристина Грасо, коосновач на „The Chain“, вели дека веќе ги видела ефектите: „Многу жени ми велат дека оваа култура им дава премолчена дозвола да се вратат во нарушувањето во исхраната. Ме потсетува на почетокот на 2000-тите, период кога мене и на многу други им беа влошени прехранбените навики.“
Постојат сè повеќе нереални идеали
Пластичните хирурзи забележуваат загрижувачки тренд кај сè помлади пациенти. „Тие доаѓаат кај нас и бараат отстранување на ребра, зафати за издолжување и слабеење на лицето, како отстранување на букалните масни перничиња“, вели Валтер Џозеф, пластичен хирург во Беверли Хилс.
Иако верува, како Гранде, дека е „опасно“ да се коментира тежината на познатите личности без целосен увид во нивното здравје, Џозеф предупредува дека младите луѓе сè повеќе го следат овој изглед како идеал: „Јавните личности имаат огромно влијание врз младите луѓе, тие ги формираат стандардите за убавина, честопати недостижни и нереални.“
„Не стигнавме толку далеку колку што мислевме“
„Како личност која со години се бореше со перцепцијата за сопственото тело, чувствувам дека денешната поплава од познати личности со извајани клучни коски, тесни струкови и вдлабнати образи нè враќа чекор назад. И покрај мантрата за „телесна позитивност“, сè уште имаме долг пат пред нас“, заклучува новинарката.
Британската актерка и активистка Џамила Џамил најдобро го сумираше тоа: „Многу сум загрижена за моите колеги. На секој настан кога прегрнувам некого, се плашам дека ќе ми се скрши во раце. Ова е сериозно и стана целосно нормализирано. Испраќа ужасен сигнал до девојките кои мислат дека не се нормални ако имаат малку месо на коските.“