Вонредна седница на белгискиот Совет за национална безбедност поради инцидентите со дроновите

5.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вонредна седница на белгискиот Совет за национална безбедност поради инцидентите со дроновите

Седницата е закажана на предлог на министерот за внатрешни работи Бернар Квинтан, кој синоќа по временото затворање на аеродромите во Брисел и Лиеж поради забележани дронови во нивниот воздушен простор, побара од премиерот Де Вевер да го свика Советот. 

Советот за национална безбедност на Белгија го сочинуваат премиерот, кој е и негов претседавач, вицепремиерите, министрите за правда, за одбрана и за внатрешни и надворешни работи, како и раководители на безбедносните служби. 

Претпладнево во врска со инцидентите заседава и Комитетот за национална одбрана на белгискиот Парламент, на која министерот за одбрана Тео Франкен ги брифира пратениците за проблемите со дроновите, кои зачестија последниве недели. 

Пред почетокот на седницата на Комитетот, пратеничката Аник Понтие од опозициската екстремно десничарска партија Фламански интерес (ВБ) изјави дека овие инциденти ги изнеле на виделина последиците од „деинвестирањето“ во безбедноста на земјата.  

Покрај синоќа регистрираните дронови над аеродромите во Брисел и Лиеж, во текот на денот беспилотни летала беа забележани и над воените бази „Клајне-Брогел“ и „Флорен“, а според најновите информации и над базата „Схафен“ во близина на градот Дист.  

Воздухопловната база „Клајне-Брогел“, во која се сместени припадници на силите на НАТО и се претпоставува дека во неа е складирано американско нуклеарно оружје, е во состојба на зголемена борбена готовност откако претходно над неа беа забележани дронови три ноќи по ред, од петокот, до неделата. Во оваа база се стационирани белгиските ловци Ф-16, а од 2027 година таму треба да бидат лоцирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.     

Изминатиов период дронови беа регистрирани и над уште три белгиски бази. Потеклото на овие дронови останува непознато и иако сомнежите се насочени кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема докази за да може да ги потврди овие претпоставки. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата