Во тек е истрага за можните пропусти на полицијата по масакрот на божикниот базар во Магдебург

26.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во тек е истрага за можните пропусти на полицијата по масакрот на божикниот базар во Магдебург

Од МВР во Магдебург потврдија дека едно полициско возило не било на предвидената локација, пишува ДВ.

Според Министерството, во моментот на нападот, полициски возила биле распоредени на четири конкретни точки околу божиќниот базар. Меѓутоа, едно возило било лоцирано во такси просторот на Ернст-Ројтер-Але, што не е во согласност со полицискиот распоред. Причината за ова несовпаѓање ќе биде предмет на понатамошна истрага.

Се разговара и за прашањата на безбедносниот план на организаторите на божиќниот базар. Фокусот е на она што го предвидувал планот за заштита на саемот, вклучително и техничкото обезбедување на излезите за евакуација и рутите за спасувачките тимови. „Се истражува дали организаторот ги спровел овие мерки и ако не, зошто не“, се наведува.

Министерството објави и дека е поднесена кривична пријава против градот Магдебург и полициската управа во Магдебург. „Така, безбедносниот план на организаторите на саемот и полицискиот оперативен план, како и нивното спроведување, би можело да стане предмет на кривична истрага. Во тој случај, полициската истрага би ја презела полициската управа Хале (Зале), доколку има потреба.“

Следниот понеделник Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот ќе го разгледува случајот со нападот на божиќниот базар во Магдебург. Сојузната канцеларија за криминалистички истраги (БКА) и МВР планираат дотогаш да ја претстават хронологијата на случајот поврзан со напаѓачот.

Според ДПА, откако безбедносните служби ги информирале претставниците на Бундестагот, сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) и шефот на БКА, Холгер Минх, на парламентарците им ветиле преглед на сите информации за овој случај. Целта е да се разјасни кои институции во кој момент имале информации за напаѓачот Талеб А. и како реагирале на таа информација.

Се вели дека властите во најмалку шест сојузни провинции биле во контакт со напаѓачот. Сега сите информации ќе се комбинираат за да се добие целосна слика за случајот.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер најави дека ќе обезбеди целосна транспарентност во врска со нападот на божиќниот базар во Магдебург. На прашањето дали безбедносните служби можеле да го спречат нападот, Фезер изјави за Funke Mediengruppe: „Тоа ќе биде детално испитано во текот на истрагата. Секој детал ќе биде проверен и ќе се обезбеди целосна транспарентност“.

Фезер ја предупреди АфД против обидите да се инструментализира овој случај. „Секој обид да се искористи таков ужасен чин за политички цели и да се злоупотреби страдањето на жртвите е одвратен“, рече таа, додавајќи дека таквите потези го откриваат карактерот на оние што го прават тоа.

По нападот, АфД во понеделникот организираше протест во Магдебург, на кој, според полицијата, присуствувале околу 3.500 луѓе. Претседателката на АфД, Алис Вајдел, го коментираше напаѓачот Талеб А., велејќи дека „оној што ги презира граѓаните на земјата што му дава азил не ни припаѓа нам“. За време на митингот, толпата извикуваше „Депортација! Депортација!“

Напаѓачот, кој е во притвор, во петокот вечерта со својот џип влета на божиќниот базар во главниот град на германската покраина Саксонија-Анхалт. Во нападот загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени. Истрагата за мотивите на напаѓачот, доктор по потекло од Саудиска Арабија, кој во Германија дошол во 2006 година, се уште трае.

Според досегашните информации, напаѓачот во последно време на социјалните мрежи објавувал сѐ порадикални и исклучени ставови. Во едно неодамнешно интервју, тој се опишал себеси како обожавател на Илон Маск и обожавател на АфД, тврдејќи дека ги споделува нивните цели, но во исто време изјавил дека е политички левичар.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, уште еднаш ја истакна важноста од расветлување на овој случај: „Правиме сѐ за да се расветли оваа трагедија. Жалиме за жртвите и мислиме на нивните семејства.“ Фезер нагласи и дека во болниците се прават максимални напори за помош на тешко повредените. Таа изрази посебна благодарност до првите што реагираа на местото на несреќата и до сите војници кои се соочија со тешките предизвици и покажаа исклучителна храброст.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата