Околу 200 луѓе се повредени во пожарот што избувна синоќа во градот Ал Хамданија во северната ирачка провинција Ниневија, изјави гувернерот Наџим ал Џабури.
Ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани нареди тридневна жалост ширум земјата за жртвите во пожарот, соопшти неговата канцеларија за односи со медиуми.
Ал-Џабури денеска прогласи еднонеделна жалост во Ниневија и нареди прославите по повод роденденот на исламскиот пророк Мухамед да се одложат „до натамошно известување“, јави ирачката државна новинска агенција ИНА.
Ирачкото Министерство за внатрешни работи, кое е задолжено за домашната безбедност, соопшти дека се уапсени девет работници во салата, а по четворица сопственици се издадени налози за апсење.
– Експертите за криминалистички докази и цивилната одбрана потврдија дека салата е изградена од многу запалив материјал Ecobond. Имаше и огномет што го предизвика инцидентот со пожарот, покрај недостигот на безбедносни услови, рече портпаролот на министерството Саад Маан.
Министерот за внатрешни работи Абдул Амир ал-Шамари денеска нареди да се формира комитет за да го истражи инцидентот за кој Министерството рече дека според прелиминарниот извештај „не е криминален“, туку поради отсуство на безбедносни мерки.
Во моментот на пожарот во салата имало околу 1.000 луѓе, според заменик-гувернерот на Ниневија, Хасан ал-Алаф.
Пожарот предизвика уривање на салата по што спасувачките екипи бараа преживеани под урнатините.