Венс го презема водењето на преговорите со Иран; Трамп му доделува клучна улога

12.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Венс го презема водењето на преговорите со Иран; Трамп му доделува клучна улога

Потпретседателот на Соединетите Држави, Џеј Ди Венс, презеде водечка улога во преговорите за ставање крај на војната со Иран, а се разгледува и можноста за директна средба меѓу него и Мохсен Резаеи – секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.

Сепак, Резаеи тврди дека таква средба не е планирана, пренесува „Волстрит џурнал“.

Според американски официјални претставници на кои се повикува весникот, претседателот Доналд Трамп го овластил Венс повторно да ги започне преговорите со Техеран.

Со тоа, потпретседателот презеде главна дипломатска улога, додека пратениците на Белата куќа, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, се повлечени во втор план.

Иако го поддржува продолжувањето на преговорите, Трамп, наводно, смета дека јунскиот меморандум за разбирање со Иран – во чие договарање учествуваше и Венс – бил грешка.

Двајца американски функционери изјавија дека претседателот смета оти договорот му овозможил на Иран да закрепне и повторно да остварува приходи од продажбата на нафта.

Од друга страна, државниот секретар Марко Рубио и Стивен Милер од Белата куќа – според истите извори – се залагаат за задржување на блокадата против Иран сè додека Техеран не се согласи на отстапки.

За разлика од Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет, кои ја бранат одлуката на Трамп во врска со војната, Венс јавно го поврза конфликтот со тешкиот пораз на републиканците на минатонеделните избори за Конгресот.

Американските официјални претставници ја опишуваат неговата одлука да преземе водечка улога во дипломатијата со Иран како политички ризичен потег.

Успехот во преговорите би можел да донесе значителни политички придобивки, додека неуспехот би можел да има спротивен ефект.

Според „Волстрит џурнал“, Трамп се согласува со проценката на Венс дека војната влијаела врз изборните резултати, но сепак продолжува да ја брани воената операција против Иран.

Додека Вашингтон ја разгледува можноста за обновување на дипломатските контакти, пораките од Техеран укажуваат на тоа дека во моментов не се водат никакви преговори со Американците. Во интервју за либанскиот телевизиски канал „Ал-Мајадин“, Мохсен Резаеи ги отфрли тврдењата за разговори меѓу двете страни. Тој ги нарече лаги извештаите за наводни преговори во Катар, тврдејќи дека нивната цел е да се намали економскиот притисок врз Иран и да се спуштат цените на нафтата.

Иранскиот функционер, исто така, упати директно предупредување до Соединетите Држави, заканувајќи се со напади врз американските воени позиции. „Ако Американците направат грешка и нè нападнат, ние ќе извршиме удари дури и врз оддалечените американски бази“, изјави Резаеи.

Тој додаде дека потенцијални цели би можеле да бидат сите бази од кои полетуваат американски авиони, вклучително и оние што се наоѓаат во Европа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата