Вадефул: Кина има клучно влијание врз Москва за мир во Украина

7.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вадефул: Кина има клучно влијание врз Москва за мир во Украина

- Ниту една друга држава нема толку големо влијание врз Русија како Кина и не може толку ефективно да го искористи своето политичко тежиште за конечно да ја убеди Русија да пристапи кон сериозни преговори за почитување на украинскиот суверенитет, изјави Вадефул од берлинскиот аеродром, непосредно пред поаѓањето за Кина.

Тој нагласи дека за Германија е од интерес „Кина да придонесе за постигнување праведен и долготраен мир во Украина“. Западот ја обвинува Кина дека ја поддржува руската воена машинерија, иако Пекинг тврди дека е неутрален, посочува германската новинска агенција ДПА.

Вадефул истакна дека ангажманот со Кина е неопходен во услови на зголемени меѓународни тензии и дека слободата, безбедноста и економскиот просперитет се тесно поврзани со односите со Пекинг.

- Тоа значи дека водењето на овој дијалог е во наш интерес – преку директна и фер размена, рече тој.

За време на посетата, министерот ќе ги отвори и прашањата околу ограничувањата што Пекинг ги воведе за извозот на ретки земни елементи, критични за голем дел од германската индустрија.

Во Кина, Вадефул ќе биде примен од потпретседателот Хан Женг и ќе одржи разговори со министерот за надворешни работи Ванг Ји и со министерот за трговија Ванг Вентао. Исто така, ќе се сретне и со Лиу Хајсинг, министер во меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија.

Шефот на германската дипломатија ќе ги отвори и темите за ситуацијата на Блискиот Исток, како и загриженоста околу Јужното Кинеско Море и Тајванскиот Теснец. Тој истакна дека промената на статусот на Тајван може да се случи единствено по пат на договор и мирни средства.

Вадефул додаде дека Кина, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, има одговорност за мирот, стабилноста и почитувањето на Повелбата на ОН.

Тој требаше да ја посети Кина кон крајот на октомври како прв министер од новата влада на канцеларот Фридрих Мерц, но ја одложи посетата бидејќи не доби потврда за средби со клучни кинески лидери.

Прв, од актуелното германско раководство, што ја посети Кина беше вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл, во средината на ноември. Мерц планира да патува во Пекинг на почетокот на следната година. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата