Ужас во Британија: Порно актер распарчил геј двојка- главите им ги ставил во замрзнувач, телата во куфери (ФОТО)

21.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ужас во Британија: Порно актер распарчил геј двојка- главите им ги ставил во замрзнувач, телата во куфери (ФОТО)

Колумбиецот Јостин Андрес Москера е прогласен за виновен за двојно убиство откако ги распарчил телата на своите жртви, 62-годишниот Алберто Алфонсо и неговиот 71-годишен партнер Пол Лонгворт, и се обидел да се ослободи од нив фрлајќи ги од мостот Клифтон во Бристол.

Убиствата се случиле на 8 јули 2024 година во Западен Лондон, а случајот ја згрозил британската јавност поради неговата бруталност и бизарните детали што се појавија за време на судењето,објави Скај Њуз.

35-годишниот Москера, кој работел во индустријата за филмови за возрасни, го запознал Алфонсо преку интернет. Нивната врска се развила до тој степен што двојката, Алфонсо и Лонгворт, ги финансирале патувањата на Москера од Колумбија до Лондон, каде што тој престојувал во нивниот стан. Иако заедно посетувале туристички атракции, Москера и Алфонсо, исто така, се вклучиле во „екстремни сексуални односи“, кои Алфонсо често ги снимал.

Сепак, во неделите пред убиствата, Москера почнал да смислува смртоносен план. Тој пребарувал на интернет термини како „каде е ударот во главата фатален?“. и нарачал замрзнувач. Обвинителството како главен мотив ја навело финансиската корист, посочувајќи дека Москера се распрашувал за вредноста на станот на неговите жртви и украл пари од Алфонсо по убиството.

Брутални убиства и обид за прикривање

На 8 јули, Москера прво го претепал Лонгворт до смрт со чекан, кршејќи му го черепот, а потоа го скрил телото. Подоцна истата вечер, за време на сексуален однос со Алфонсо, Москера го нападнал со нож, нанесувајќи му дури 22 убодни рани. Целиот напад бил снимен од камери што самиот Алфонсо ги поставил низ собата. По убиствата, Москера ги распарчил телата и ги складирал главите во замрзнувач што му бил доставен еден ден подоцна. Ги спакувал остатоците во два големи куфери.

На 10 јули, изнајмил комбе со возач за да вози до висечкиот мост Клифтон во Бристол, со намера да ги фрли куферите во реката. Сепак, поради големата тежина на куферите, тој го привлекол вниманието на минувачите. Кога го прашале што носи, тој им рекол дека внатре има делови од автомобили. Крв протекувала од куферот, што предизвикало сомнеж. Москера избегал, оставајќи ги куферите зад себе. Тој бил уапсен три дена подоцна на железничката станица во Бристол.

Шокантни докази на судењето

За време на судењето, на поротата постојано ѝ беше прикажано морничаво видео од убиството на Алберт Алфонсо. Видеото го покажува Москера како го крие ножот, а потоа, во моментот кога Алфонсо е најранлив, мирно го прободува во вратот. Додека Алфонсо се бори за живот и вреска, Москера сурово го исмејува со прашањето: „Дали ти се допаѓа?“.

Откако Алфонсо починал, видеото го покажува Москера како пее и танцува, а потоа веднаш седнува на компјутерот на жртвата за да пристапи до неговите банкарски сметки. Видеото било толку вознемирувачко што судијата ја опоменал поротата, нудејќи им да прекине, ако се чувствуваат неспособни да продолжат. Еден поротник не се вратил следниот ден. Новинар кој го следеше судењето го опишал звукот на врескањето како нешто што е тешко да се заборави.

Москера ги негирал убиствата на суд. Тој признал дека го убил Алфонсо, но неговата одбрана тврдела дека станува збор за убиство од „губење на контрола“, наведувајќи дека Алфонсо наводно го силувал повеќе пати. Тој исто така тврдел дека Лонгворт бил убиен од самиот Алфонсо. Но, обвинителството ги отфрли овие тврдења како неосновани, истакнувајќи дека видео доказите ја покажуваат умислата и смиреноста на убиецот. Врската меѓу Лонгворт и Алфонсо била опишана како „љубовна“.

Судијата ја објави пресудата за 24 октомври. Обраќајќи му се на Москера, тој рече: „Единствената казна што можам да ви ја дадам е доживотен затвор. Ќе нарачам психијатриска евалуација за да можам да ја одредам минималната казна што ќе ја отслужите“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата