Уставни судии на Грузија ја повикаа владата да го преиспита прекинот на преговорите со ЕУ

29.11.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Уставни судии на Грузија ја повикаа владата да го преиспита прекинот на преговорите со ЕУ

Во соопштението, потпишано од членови на Уставниот суд, се апелира одговорните лица да покажат посветеност на уставниот поредок на Грузија и да ја променат одлуката за одложување на преговорите за членство во ЕУ до 2028 година.

- Ги повикуваме властите да преземат соодветни чекори со цел да се запре изолацијата на Грузија од европската заедница и да се спречат негативните ефекти што произлегуваат од тоа, се вели во соопштението.

Грузија ги прекина преговорите за нејзиниот прием во Европската унија на четири години поради „уцени и манипулации од одредени европски политичари и бирократи“, изјави вчера премиерот Иракли Кобахиџе.

Тој го објави ова неколку часа откако членовите на неговата партија Грузиски сон го реизбраа за претседател на владата.

Кобахиџе рече дека неговата земја, иако сака да биде примена во Европската унија, „нема да се занимава со отворање на пристапните преговори до крајот на 2028 година“, а дотогаш ќе одбива и средства од буџетот на ЕУ.

Партијата Грузиски сон победи на изборите, чии резултати беа оспорени од опозицијата и кои доведоа до масовни протести и одлука на опозицијата да го бојкотира парламентот. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата