Доколку законот биде изгласан, скратеното работно време би се однесувало на околу 12,5 милиони вработени во приватниот сектор – како на полно така и на скратено работно време – а се очекува дека мерката ќе ја зголеми продуктивноста и ќе го намали отсуството од работа, соопшти шпанското Министерство за труд.
– Денес го модернизираме светот на трудот и им помагаме на луѓето да бидат малку посреќни – изјави министерката за труд Јоланда Дијаз, лидерка на левичарската партија Сумар, која е дел од актуелната коалициска влада.
Оваа мерка, која веќе важи за државните службеници и одредени други сектори, најмногу би влијаела на трговијата, производството, угостителството и градежништвото, додаде Дијаз.
Парламентот сè уште треба да каже „да“
Владата на Педро Санчез нема јасно мнозинство во парламентот, па законот ќе мора да помине на гласање за да стапи на сила.
Главните синдикати ја поддржаа оваа иницијатива, за разлика од деловните здруженија кои изразија резервираност.
Предлог-законот доаѓа од партијата Сумар, малцинскиот, тврдо левичарски партнер на Социјалистичката партија на Санчез.
Каталонската националистичка партија Жунтс, повремен сојузник на коалицијата, изрази загриженост за – како што наведоа – негативните последици што пократката работна недела би можела да ги има врз малите бизниси и самовработените.
Коалицијата ќе мора да балансира меѓу барањата на Жунтс и другите помали партии за да обезбеди поддршка во парламентот.
Од 48 часа до потенцијална 4-дневна работна недела
Шпанија има 40-часовна работна недела уште од 1983 година, кога тогашниот закон го намали бројот на работни часови од 48.
По пандемијата на COVID-19, низ целата земја се појавија иницијативи за промена на работните навики, вклучително и неколку пилот-проекти што тестираа четиридневна работна недела – меѓу нив и еден помал експеримент во Валенсија.
Резултатите од една таква едномесечна програма покажаа дека вработените имаат корист од подолгите викенди, развиваат поздрави навики како што е спортувањето и го намалуваат нивото на стрес.