Полскиот премиер Доналд Туск коментирајќи ги мировните преговори за Украина, денеска изјави дека нема многу причини за преголем оптимизам, додавајќи дека неговата земја ќе го поддржи процесот во кој има шанси за ставање крај, или барем за прекин, на руско-украинската војна.
Туск престојува во Ангола каде што учествува на неформалниот самит на Европската Унија за Украина, а на маргините на самитот беше одржан посебен состанок на сите шефови на влади на земјите членки на ЕУ за да го разгледаат мировниот план од 28 точки предложен од САД, пренесоа полските медиуми. Според полскиот премиер, за време на состанокот се воделе многу сериозни разговори во иста таква атмосфера.
- Малку се причините за значителен оптимизам. Ние сите ќе го поддржиме овој процес кој нуди шанса за ставање крај на руско-украинската војна. На европската страна постои целосна согласност дека претставениот план од 28 точки треба да се доработи, а некои од тие предлози се неприфатливи, истакна Туск.
Како што нагласи, од полска перспектива особено е важно со тој план на ниту еден начин да не бидат ослабени Полска, Европа или заедничката безбедност.
- Ние ќе ја поддржиме Украина. Распадот на Украина значи закана за Полска. Се надевам дека сите го сфаќаат тоа, вклучувајќи ги сите актери во Полска, подвлече тој додавајќи дека „условите на мировниот договор не можат да го фаворизираат агресорот“.
Туск истакна дека Европа е одлучна да го реши прашањето за замрзнатите руски средства до состанокот на Европскиот совет во декември, како и дека не треба да плаќа поради она што го направила Русија.
- Нема договор за тоа дека услов за мир е слабеењето на војската, односно ограничувањето на бројот на војници во Украина. Тоа е деликатно прашање. Никој не сака да ги обесхрабри Американците и претседателот Доналд Трамп да не бидат на наша страна во овој процес, укажа Туск, додавајќи дека ситуацијата не е лесна, како и дека сите многу внимателно ги бираат зборовите.
Тој се осврна и на прашањето за можно распоредување на европски или НАТО ловци во Полска.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Русија можеби ќе бара повлекување на копнените сили од источното крило на НАТО, Туск рече дека сè укажува на таа можност.
- Тоа е некаков вид манипулација или замка, но никој нема да се согласи да биде вовлечен во тоа. Можеме да претпоставиме дека тоа прашање повеќе не постои, порача полскиот премиер.
Тој додаде дека ќе се погрижи Полска да не биде турната таму каде што може да има потенцијални проблеми за неа.
- Јас нема да одобрам ниту да преземам на себе какви било гаранции што не сакаме да ги дадеме, заклучи Туск.

