Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Европа е обединета во неприфаќањето на руската окупација на украинските територии, додавајќи дека во преговорите за прекин на огнот и мирот, Москва мора да разбере дека државните граници не можат да се менуваат со сила.
-Ставот на европските земји покажува дека Европа останува обединета кога станува збор за претстојните преговори меѓу претседателот Трамп и Путин и резултатите што ги очекува од нив. На Полска и нејзините партнери им е јасно дека државните граници не можат да се менуваат со сила, рече полскиот премиер на прес-конференција.
Туск нагласи дека војната во Украина не смее да му користи на агресорот - Русија.
-Свесни сме дека заканата од Русија е сериозна и дека дури и ако почетокот на вистински преговори меѓу Русија и Украина може да ја промени ситуацијата во самата Украина, тоа сигурно нема да ја промени општата оценка на руската политика во нашиот регион, рече Туск.
За време на обиколката на фабриката за експлозиви „Нитро-Хем“ во Бидгошч, северна Полска, премиерот рече дека владата сериозно ги сфаќа анализите на западните разузнавачки агенции и сигнализира дека може да избувне голем конфликт во светот во 2027 година.
-Мораме да бидеме подготвени пред 2027 година за сите можни околности и важно е за нас да постигнеме целосна подготвеност за одбрана, заедно со нашите сојузници. Без оглед на украинската сцена, Полска, НАТО и Европската Унија мора да бидат заедно подготвени за можни закани или акти на агресија од исток, рече Туск.
Според полскиот премиер, во сегашната ситуација во светот, нема време на повидок кога ќе може да се каже „па, сега е добро, нема потреба повеќе да се подготвуваме и вооружуваме“.
-Ништо не почнува и ништо не завршува во 2027 година. Ние сериозно ги сфаќаме сигналите од Вашингтон и од други места дека треба да бидеме подготвени за различни сценарија за две години. Нема датум од кој ќе можеме да кажеме дека сега е свет мир, можеме да ги скрстиме рацете, не треба да се подготвуваме, не треба да се вооружуваме, не треба да се модернизираме, рече Туск.
Вицепремиерот и полски министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш изјави овој викенд дека очекува полската армија да има повеќе од 300.000 војници, што е планот на новиот полски претседател, конзервативниот националист Карол Навроцки.
Благодарение на новите програми за обука, според министерот за одбрана, Полска, заедно со резервистите, ќе има околу половина милион луѓе под оружје.