Турското обвинителство денеска побара казна затвор од две години и осум месеци до седум години и четири месеци за отстранетиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, поради наводна навреда и закани кон истанбулскиот јавен обвинител Акн Ѓурлек, јави ТРТ Хабер.
Судското рочиште се одржа пред 14-тиот Висок кривичен суд во Истанбул, во затворот Мармара во Силиври, каде што присуствуваше и Имамоглу.
Обвинителниот акт го товари Имамоглу за „јавна навреда на службено лице“, „закана“ и „омаловажување на лица кои учествуваат во борбата против тероризмот“, во говор што го одржал јавно.
Обвинителството се повикува на член 53, став 1 од турскиот Кривичен законик, кој предвидува забрана за вршење јавна функција и кандидатура, ако обвинетиот биде осуден.
Имамоглу, кој беше уапсен во март под обвинение за корупција и отстранет од функцијата, тврди дека е жртва на политички прогон. - Не сум обвинет, туку директно казнет“, рече Имамоглу во Судот, инсистирајќи дека говорот за кој се гони е во рамките на слободата на изразување.
Тој ги повика властите да ги ослободат уапсените студенти од протестите по неговото апсење. - Оставете ги на мира. Срамота е, грев е. Не можете да ме исплашите, рече Имамоглу.
Следното рочиште е закажано за 16 јули.