Инцидентот се случил помеѓу 9:30 и 10 часот наутро во непосредна близина на Гранд Хотел де Бордо, на чиј покрив има кошници за пчели повеќе од една деценија, објави денес Фламанската радио-телевизија. Според првичните информации, нападот се случил откако азиските стршлени, познати по своето агресивно однесување, ги вознемириле пчелите. Сите повредени се однесени во болница во Оријак, а меѓу повредените е и 78-годишен маж кој, според градоначалникот, бил каснат 25 пати.
Покрај граѓаните, биле каснати и неколку пожарникари, но нивните повреди не биле сериозни. Градоначалникот на Оријак, Пјер Матоние, изјави за телевизијата Франс 3 дека најверојатно станува збор за „одбранбена реакција на роевите на присуството на стршлените“, додавајќи дека теоријата „изгледа веродостојна“. Брзата помош и пожарникарите брзо пристигнале на местото на настанот, додека полицијата го обезбедила местото и поставиле безбедносен кордон. Ситуацијата била ставена под контрола до пладне, а сопственикот на кошниците, локален пчелар, успеал да интервенира, велејќи дека никогаш порано не ги видел своите пчели да се однесуваат вака.
Властите продолжуваат да ја следат ситуацијата, а причините за необичната реакција на роевите ќе бидат дополнително истражени.