Тринидад и Тобаго ги отвораат аеродромите за американската војска

16.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тринидад и Тобаго ги отвораат аеродромите за американската војска

Во екот на конфликтот меѓу САД и Венецуела, карипската островска држава Тринидад и Тобаго им дозволи на американските воени авиони да ги користат нејзините аеродроми за логистички цели, соопшти синоќа Министерството за надворешни работи на оваа земја, пренесе ДПА.

Оваа островска држава се наоѓа само неколку километри од брегот на Венецуела во Јужна Америка. Министерството за надворешни работи во главниот град Порт оф Спејн соопшти дека им дало овластување на САД да ги користат нејзините аеродроми во наредните недели за цели како што се снабдување и ротации на персонал.

Тринидад и Тобаго веќе одржаа заеднички воени вежби со САД и одобрија инсталација на радарски систем на островот Тобаго од страна на американската војска, потсетува германската агенција.

Во меѓувреме, пренесува ДПА, Венецуела прогласи крај на соработката со Тринидад во секторот за природен гас, обвинувајќи ја земјата за вмешаност во „кражбата на нафтата на Венецуела“.

Владата во Каракас тврди дека нејзиниот сосед одиграл улога во нападот на американските сили врз танкер за нафта крај брегот на Венецуела. Министерството за надворешни работи на Венецуела не објасни во своето соопштение како се тврди дека Тринидад бил вмешан.

Вашингтон со месеци го проширува своето воено присуство на Карибите со борбени авиони, воени бродови и војници.

Официјално, американската Влада ја наведува борбата против нарко-картелите како причина за својата интервенција. Авторитарниот владетел на Венецуела, Николас Мадуро, од друга страна, го обвинува Вашингтон дека сака да наметне промена на режимот во земјата богата со нафта и дека целта му е насочена кон нејзините нафтени резерви.

Само пред неколку дена, крајбрежната стража на САД и други единици ја презедоа контролата врз танкер со нафта покрај брегот на Венецуела. Според Министерството за правда на САД, танкерот се користел за транспорт на санкционирана нафта од Венецуела и Иран, потсетува ДПА.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата