Патин (девет), Евелин (осум) и Оливија Декер (пет) беа пронајдени мртви во понеделник вечерта, што предизвика потрага по нивниот татко, 32-годишниот Тревис Декер, поранешен војник, под сомнение за киднапирање и убиство.
Полицијата предупреди дека Декер има „обемна“ воена обука и може да претставува „сериозна закана“, иако не е познато дали е вооружен. Во потрагата учествуваат локалната полиција, ФБИ и американските маршали, а се користат беспилотни летала и авиони за пребарување на оддалечените шумски области.
Алармот беше кренат во петокот кога мајката на сестричките пријавила дека се исчезнати откако Декер не се вратил од закажаната тричасовна посета. Полицијата започнала да бара во текот на викендот украдено возило во кое се верува дека живеел Декер, објави Фокс.
Возилото е пронајдено во понеделникот во близина на камп западно од Ливенворт, околу 70 милји источно од Сиетл, а телата на девојчињата биле пронајдени „релативно блиску едно до друго“, соопшти полицијата.
Мајката на девојчињата им кажала на полицајците дека децата не се вратиле дома како што било закажано во петокот во 20 часот и дека таткото немал контакт со неа. Полициски детектив рекол дека мајката била загрижена бидејќи Декер „никогаш порано не направил нешто вакво“ и „моментално има некои проблеми со менталното здравје“.
Декер се приклучил на американската армија во 2013 година и се префрлил во Националната гарда на државата Вашингтон во 2021 година, но престанал да работи пред околу една година.
Јавноста се повикува да се држи подалеку од него и веднаш да се јави на 911 ако го види. Постојат прашања дали имало доцнење во одговорот на властите, со оглед на тоа што полицијата веќе побарала „Амбер тревога“ во петокот навечер, но барањето не ги исполнувало потребните критериуми.
Дури откако детективите од Веначи дале дополнителни информации во саботата, бил издаден официјален повик за помош во потрагата по исчезнатите лица.
Крис Лофтис, портпарол на Државната патрола на Вашингтон, рекол дека „доцнењето од страна на родителите во враќањето на детето не е невообичаено и не води автоматски кон претпоставка за киднапирање“.