Трамп: Веднаш да се отстранат мините од Ормутскиот теснец, доколку Иран ги поставил

10.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп: Веднаш да се отстранат мините од Ормутскиот теснец, доколку Иран ги поставил

Иран почна да поставува мини во Ормутскиот теснец, најважното енергетско тесно грло во светот низ кое минува околу една петтина од светската трговија со сурова нафта, изјавија за CNN два извори запознаени со извештаите на американските разузнавачки служби.

Поставувањето мини засега не е обемно, неколку десетици се поставени во последните денови, според изворите. Но, Иран сè уште има повеќе од 80 до 90 проценти од своите мали пловни објекти и бродови за поставување мини, рече еден од изворите, така што неговите сили би можеле релативно брзо да постават стотици мини во тој воден пат.

Иранската револуционерна гарда, која сега практично го контролира теснецот заедно со редовната морнарица на Иран, има можност да распореди еден вид „појас“ од расфрлани бродови за поставување мини, чамци натоварени со експлозив и крајбрежни ракетни батерии, претходно објави CNN.

Трамп му се закани на Иран

По медиумските извештаи дека Иран почнал да поставува мини во Ормускиот теснец, Доналд Трамп се огласи.

„Доколку Иран поставил какви било мини во Ормутскиот теснец, а немаме извештаи дека го сториле тоа, сакаме тие да се отстранат - ВЕДНАШ! Доколку поради која било причина мините се постават, а не се отстранат веднаш, воените последици за Иран ќе бидат на ниво невидено досега. Од друга страна, ако го отстранат она што можеби е поставено, тоа ќе биде голем чекор во вистинската насока!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата