Американскиот претседател Доналд Трамп остро ги критикуваше израелските обвинители во врска со судењето за корупција со кое се соочува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека Вашингтон, кој му дал милијарди долари помош на Израел, „нема да го толерира тоа“.
Нетанјаху беше обвинет во Израел во 2019 година за поткуп, измама и кршење на довербата, но тој ги негираше обвиненијата, објави Ројтерс, потсетувајќи дека судењето на израелскиот премиер започна во 2020 година и вклучува три кривични дела.
„Лудо е што претерано ревносните обвинители му прават на Биби Нетанјаху“, објави Трамп на социјалната мрежа Truth Social, додавајќи дека судењето ја попречува способноста на Нетанјаху да преговара со палестинската милитантна организација Хамас и со Иран.
Вториот пост на Трамп за само неколку дена во кој го брани Нетанјаху и повикува судењето да биде суспендирано, отиде чекор понатаму со поврзување на правните дејствија на Израел со помошта на САД.
„Соединетите Американски Држави трошат милијарди долари годишно за Израел, многу повеќе од која било друга нација, заштитувајќи го и поддржувајќи го Израел. Ние нема да го толерираме ова. Нетанјаху во моментов преговара за договор со Хамас“, рече Трамп, без да даде дополнителни детали.