Веста ги затекна и новинарите во Њујорк, кога им ја пренесе самиот Трамп на средбата со Зеленски.
-Состанокот траеше три часа, заврши пред еден час. Беше многу добар состанок. Знаете дека постојат две можности (за Иран) и ги слушнавте во мојот говор денеска. Едната е многу лоша, другата може да доведе до големи нешта за земјата. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Нема детали од средбата одржана со посредство на Катар, освен дека учествувале двоецот Витков – Кушнер од американска и шефот на дипломатијата, Арагчи од иранска страна. Главна тема било деблокирање на Ормутскиот теснец, за што Техеран ги испорачал своите барања - укинување на американската поморска блокада и крај на конфликтот на сите фронтови.
-Присуството на нашата делегација во Њујорк беше искористена јасно да се пренесат овие прашања до американската страна. , изјави Есмаил Багхеин, портпарол на иранското МНР.
Нема конкретен напредок и за војната во Украина, освен заложбата да се дојде до мир пред почетокот на зимата. Зеленски е подготвен да ги прекине нападите врз руските рафинери ако тоа го стори и Путин, откако Трамп алармираше дека уништениот руски енергетски систем е главна причина за рекордните цени на дизелот.
-Ние сме подготвени за секаков формат на енергетски прекин на огнот. Ако ние не напаѓаме енергија, мислам на целата енергија, се. Ова е нашиот предлог. Благодарни сме на американската страна, кој ќе го сподели предлогот со руската страна. Јас не ја знам руската позиција. Дали сте подготвени за средба со Путин? Јас сум подготвен. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
-Мислам дека ќе постигнат договор, не би можел да кажам каков. Разговараме многу за тоа, вклучително и со претседателот Путин. Мислам дека нешто ќе се случи. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Ставовите на Трамп искажани вчера за повеќе прашања предизвика неколку делегации да ја напуштат салата. Атмосферата ја вжешти и францускиот претседател Макрон кој демонстративно тропна на говорницата, осудувајќи ги фалбите на американскиот колега дека донел мир во појасот Газа.
-Каков кредибилитет имаме ако продолжиме да остануваме неактивни пред ситуацијата во Газа? Некои се фалат со наводен мир, но тој мир не го овозможи повторното отворање на хуманитарниот пристап ниту за една секунда. Дали треба да го гледаме овој спектакл што треба сите да нè засрами?, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Веста за новата рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран ја намали цената на нафтата од типот Брент, која падна под 100 долари за барел.

