Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го отпушти директорот на ФБИ, Кеш Пател, во наредните месеци, бидејќи тој и неговите најблиски соработници стануваат сè пофрустрирани од негативното медиумско известување што го генерира Пател, изјавија извори запознаени со ситуацијата за MS Now (порано MSNBC).
Пател е критикуван поради неговото ракување со ресурсите на бирото, вклучително и обезбедување на безбедноста на неговата девојка и користење на владин авион, како и судири со други поддржувачи на Трамп.
Трамп и помошниците на Белата куќа им кажале на блиските соработници дека претседателот размислува да го отпушти Пател и го разгледува високиот функционер на ФБИ, Ендру Бејли, за нов директор, изјавија три извори.
Пател е на „тенок мраз“, според изворите, и неговото заминување изгледа сè поверојатно, додека Бејли е „логичниот“ кандидат да го наследи, иако Трамп би можел да ја промени својата одлука во наредните недели.
Бејли претходно беше државен обвинител на американската држава Мисури и ужива висок рејтинг во ФБИ, кој го смета за „цврста рака“, додека критичарите велат дека Пател и Бонгино немаат таков углед.
Претходно денес, Пател присуствуваше на церемонијата за помилување на мисирка за Денот на благодарноста, каде што Трамп јавно го пофали, велејќи дека е „многу зафатен и одлично си ја врши работата“.
Во интервју за Фокс њуз минатата недела, претседателот го поддржа Пател, велејќи дека има „целосна доверба во него“.
Сепак, MS Now објавува дека американската државна обвинителка Пам Бонди била незадоволна од Пател, особено поради неговите предвремени објави на социјалните мрежи за напредокот на истрагите, за кои таа рече дека понекогаш ги загрозуваат.
И таа и заменик-државниот обвинител на САД, Тод Бланч, биле иритирани од постојаните медиумски приказни за неговото сомнително користење на владини ресурси.
Медиумските извештаи велат дека Пател користел владин авион за она што критичарите го нарекоа „романтична вечера“ за да ја посети девојката во американската држава Пенсилванија и дека користел специјална единица за да ја обезбеди девојката, додаде порталот.
Трамп го номинираше Ендру Бејли за заменик-директор на ФБИ во септември, поради загриженоста на републиканците за недостатокот на искуство на заменик-директорот Ден Бонгин, додаде MS Now.
Бонгин, конзервативен радио водител и поранешен агент на Тајната служба, немал искуство во ФБИ кога Трамп го назначил за заменик-директор по неговата инаугурација.
Според федералниот закон, Трамп може да го назначи Бејли за вршител на должноста директор на ФБИ без потврда од американскиот Сенат, но само откако Бејли поминал најмалку 90 дена на својата сегашна позиција, а Бејли бил назначен на својата сегашна позиција на 15 септември.
По 15 декември, Бејли може да служи како вршител на должноста директор на ФБИ уште 210 дена без потврда, додаде MS Now.

