Трамп по вториот обид за негов атентат повторно ги искритикува демократите

17.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп по вториот обид за негов атентат повторно ги искритикува демократите

Вооружениот осомничен напаѓач Рајан Весли Рут според сознанијата на ФБИ добиени од неговиот мобилен телефон останал во грмушките на голф-клубот на Трамп речиси дванаесет часа.  Дури во неделата попладне телохранителите на Трамп го забележале него и цевката од неговото оружје. Рут засега доби обвинение по две точки за нелегално поседување на оружје.

-Овде сме да објавиме дека Рајан Весли Рут, 58 годишен од Хаваи, е обвинет со кривична пријава во јужниот дистрикт на Флорида, за прекршоци со огнено оружје поврзани со инцидент кој се случи вчера на интернационалниот терен за голф на Трамп, овде во Вест Палм Бич. Рут е федерално обвинет за поседување огнено оружје како осуден криминалец и поседување огнено оружје со избришан сериски број. – Маркензи Лапоинт – Обвинител на САД за јужен дистрикт на Флорида

Против Рут најверојатно ќе бидат поднесени и други обвиненија, но засега овие две точки им дозволуваат на властите да го задржат во притвор додека трае истрагата, пишуваат американските медиуми. Тајната служба на САД пак оцени дека методите се заштите биле ефективни потврдувајќи дека осомничениот Рут не испукал ниту еден куршум, но и дека Трамп бил надвор од видното поле на напаѓачот за време на инцидентот.

-Тој (осомничениот) не пукаше, не пукаше ниту кон нашиот агент. Според извештаите блиската за штита на поранешниот претседател веднаш го евакуираше претседателот на безбедна локација. Методологиите за заштита на тајната служба беа ефективни вчера. – Роналд Роуи –  Директор на Тајната служба

Во меѓувреме е објавена и прва снимка од апсењето на осомничениот кој по бегството од местото на инцидентот полицијата го пронајде во соседната област. Поранешниот претседател Трамп за дел од американските медиуми раскажа детали од моментот на пукањето и ја пофали тајната служба, а во изјава за Фокс Њуз пак ги обвини Бајден и Харис.

- (Рут) Веруваше во реториката на Бајден и Харис, и реагираше како резултат на тоа. Нивната реторика ги предизвикува да пукаат во мене, бидејќи јас сум тој кој ќе ја спаси земјата, а тие се оние кои ја уништуваат земјата.- Доналд Трамп – републикански кандидат за претседател

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата