Трамп ја предводеше парада на армијата: Прослава или „диктаторско однесување“?

15.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп ја предводеше парада на армијата: Прослава или „диктаторско однесување“?

Ал Џезира - Доха

Повод беше 250-тиот роденден на Армијата на Соединетите Американски Држави и 79-тиот на Трамп.

Тенкови и други оклопни воени возила грмеа по улиците на Вашингтон во саботата (по локално време), во она што Трамп го нарече „незаборавен“ настан, а критичарите го нарекоа скапа почит кон „главниот егоист“.

Зборувајќи по едночасовната поворка, која се одвиваше низ топла вечер прошарана со капки дожд, Трамп го опиша спектаклот како нешто што одамна требало да се случи. „Секоја друга земја ги прославува своите победи. Време е и Америка да го стори тоа“, и порача тој на толпата, која беше распрскана низ Националниот Мол. „Тоа е она што го правиме вечерва“, рече тој.

Потпретседателот Џеј Ди Ванс, кој го претстави претседателот на крајот на парадата, беше единствениот функционер што ги констатираше двата родендена.

„14 јуни е, секако, роденденот на армијата. И, секако, роденденот на претседателот на Соединетите Американски Држави“, рече тој. „Среќен роденден, господине Претседателе.“

За критичарите, совпаѓањето на датумите испрати вознемирувачка порака. Далеку од прославите, меѓу околу 100-те демонстранти на Логан Серкл во Вашингтон, ДЦ, Тери Махони, 55-годишен ветеран од маринците, ја опиша парадата како „диктаторско однесување“.

„Ако го земете предвид сè што тој досега направил, газејќи по Уставот на САД, оваа парада можеби е само украс“, изјави тој за Ал Џазира. „Но, тоа е најлошиот вид украс“, рече Махони, кој беше меѓу десетиците илјади демонстранти кои излегоа на улиците ширум земјата во саботата за да се спротивстават на лидерството на Трамп. „Затоа сакав да се осигурам дека мојот глас е застапен денеска“. Но, неколку блока подалеку, близу до влезот на силно обезбедената рута на парадата, Тарас Вороњ, кој допатува од Јужна Каролина, беше помалку загрижен за заматените линии на парадата отколку за војниците што таа ги одбележуваше.

„Ова е шанса да се прослави војската, а исто така, Трамп ќе биде тука“, изјави тој на Ал Џазира.

„Всушност, бев малку збунет дали парадата треба да биде за 250-годишнината на армијата или за роденденот на Трамп“, рече тој. „Па, претпоставувам дека е двојна прослава.“

Роденденска прослава

Трамп бараше огромна воена парада уште откако присуствуваше на прославата на Бастиља во Париз во 2017 година, но се соочи со отпор од избраните функционери за време на неговиот прв мандат.

Овој пат, тој испрати 28 тенкови Абрамс, мноштво оклопни возила, коњаница, воени авиони и хеликоптери, и модерни и стари, во главниот град на САД, во смотра на воена опрема без преседан од 1991 година, кога САД го одбележаа крајот на Заливската војна. Гледачите се собраа долж Авенијата Конституција – булевар што ја поврзува Белата Куќа со Капитолот на САД – за спектакл што се протегаше од раѓањето на армијата во 1775 година, преку Втората светска војна, Виетнамската војна и таканаречената „војна против тероризмот“.

Пристигнувањето на Трамп предизвика аплаузи, и неколку исвиркувања, од толпата, во која се забележуваа црвени капи „Направи ја Америка повторно голема“ (MAGA). Посетеноста изгледаше помала од предвидувањето на војската од околу 200.000 луѓе.

За Фреди Делакруз, 63-годишен ветеран од Армијата на САД, кој допатува од Северна Каролина за парадата, роденденот на Трамп и прославата на армијата се различни феномени.

„Тоа е случајност“, рече тој. „Јас се оженив на 6 јуни, што е годишнина од Денот-Д [слетувањето на сојузничките сили на плажите во Нормандија, Франција].“

„Такви работи се случуваат“, рече тој. „Но, ние сме тука да ја поддржиме армијата. Поминав 32 години во армијата – сакам да ги видам тенковите, авионите, хеликоптерите како летаат наоколу.“ Делакруз исто така не придаде големо значење на распоредувањето на Националната гарда на САД во Калифорнија од страна на Трамп претходно оваа недела за да одговори на протестите против рациите на Службата за имиграција и царина (ICE) во Лос Анџелес и други градови.

Локалните функционери и застапниците за човекови права рекоа дека распоредувањето, кое набрзо беше проследено со испраќање на маринци од страна на Трамп за заштита на федералниот имот и персонал, претставува голема ескалација и пречекорување на претседателската моќ. Судија во четвртокот застана на страната на тужбата поднесена од гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, пресудувајќи дека распоредувањето на Трамп без одобрение од гувернерот е незаконско. Сепак, апелациски суд ја паузира пресудата само неколку часа подоцна, дозволувајќи распоредувањето привремено да продолжи.

Делакруз призна дека Трамп „има многу моќ… Мислам, тој го има Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и сега, сите членови на кабинетот го поддржуваат 100 проценти“.

„Но, тој е само претседател и не може да го контролира Конгресот“, додаде тој. „Ова е она за што гласаа луѓето.“ Арон М, 57-годишен ветеран од армијата од Мајами, Флорида, исто така рече дека не гледа проблем во начинот на кој Трамп ги користел федералните сили во локалното спроведување на законот.

Одлуката на Трамп беше прва од 1965 година претседател да ја активира Националната гарда без согласност од гувернер. И Трамп и секретарот за одбрана Пит Хегсет укажаа дека пристапот може да се повтори низ целата земја.

Во последните денови, Трамп исто така спомна можност за повикување на Законот за востание од 1807 година, што би дозволило американските трупи да учествуваат во домашното спроведување на законот, во она што критичарите го нарекуваат чекор кон воена состојба, но сè уште не го сторил тоа.

„Ако гувернерите не можат да ги стават своите држави под контрола, тогаш Трамп треба да ја испрати [Националната гарда]“, рече Арон, кој одби да го даде своето презиме. „Гледај, јас сум роден во Никарагва. Дојдов тука кога имав 12 години“, додаде Арон. „Знам што е диктатор. Ова не е диктатор“, рече тој, покажувајќи кон трибината од каде Трамп ја гледаше парадата.

„Протестирањето е патриотски“

За Анаи Ривас-Родригез, 24-годишна девојка од Мекален, Тексас, воениот спектакл ја нагласи позагрижувачката промена, која, според неа, вклучува спојување на тврдокорните имиграциски политики на Трамп со воената моќ на земјата.

„Имам многу луѓе во мојот живот кои се исплашени. Не припаѓаме во Америка на страв“, рече Ривас-Родригез, која се приклучи на група демонстранти што маршираа пред Белата Куќа. „Не поддржувам Америка што разделува семејства и цели на луѓе затоа што изгледаат кафеаво и изгледаат како Мексиканци“, рече таа, со насолзени очи, „затоа што изгледаат како мене“.

Трамп претходно оваа недела ги опиша демонстрантите како „луѓе кои ја мразат земјата“, додавајќи дека оние што ќе протестираат во сабота  ќе бидат „пресретнати со многу голема сила“.

Ривас-Родригез се наежи.

„Протестирањето е патриотски, и јас сум тука за мојата земја затоа што ми е грижа за Америка“, рече таа. „Можеби малку ме заплашува [Трамп], но не сум исплашена затоа што сè уште сум тука“.

Околу 60 лица беа уапсени на протест пред Капитолот на САД доцна во петокот, но не беа пријавени поголеми инциденти во главниот град на САД во саботата, при што многу групи избраа да одржат протести на други места.

Организаторите на националните протести „Без кралеви“ не одржаа официјален настан во ДЦ, иако организираа демонстрации во околу 2.000 градови низ земјата. Во изјава, групата рече дека го сторила тоа за да избегне „дозволувањето оваа роденденска парада да биде центарот на вниманието“.

Сепак, Роланд Роубак, 77-годишен ветеран од Виетнамската војна од Порторико, рече дека сака да присуствува на парадата во знак на протест за да испрати порака.

„Трамп беше алергичен на воена служба и покажа длабоко непочитување кон војската“, рече тој, укажувајќи на медицинското ослободување на Трамп од служење во Виетнам поради „коскени израстоци“, што критичарите го нарекоа избегнување на воениот рок.

Роубак рече дека парадата – со цена од 25 до 45 милиони долари – звучи нечувствително во време кога Трамп ги намалува федералните услуги, вклучително и оние што влијаат врз ветераните.

Тој,исто така, го обвини Трамп дека ги „брише“ придонесите на црните војници како него преку кампањата на неговата администрација против разновидноста, еднаквоста и вклученоста (DEI) во Пентагон.

„Многу од луѓето што се тука се многу збунети во однос на тоа што оваа парада претставува“, рече Роубак.

„Ова е фарса“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата