Трамп денеска ќе претседава со првиот состанок на Одборот за мир

19.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп денеска ќе претседава со првиот состанок на Одборот за мир

Разоружувањето на Хамас, фондот за реконструкција и протокот на хуманитарна помош за населението на палестинската енклава се прашања што ќе ја тестираат ефикасноста на Одборот во наредните недели и месеци.

Се очекува Трамп да објави како членовите досега собрале пет милијарди долари за реконструкција на Газа, од кои по 1,2 милијарди обезбедија Обединетите Арапски Емирати и Кувајт.

Одборот за мир е контроверзно тело затоа што го вклучува Израел, но не и Палестинците, затоа што по замислите на Трамп тоа, освен со Газа,  треба да се занимава и со други прашања, што предизвика загриженост дека може да ја намали улогата на ОН како главна платформа за глобална дипломатија и решавање на конфликти.

Високи американски претставници, исто така, изјавија дека Трамп ќе објави дека неколку земји планираат да испратат илјадници војници во Меѓународните сили за стабилизација за да помогнат во одржувањето на мирот во Газа.

На настанот се очекуваат делегации од 47 земји, вклучувајќи ја и Европската Унија. Меѓутоа, на состанокот нема да учествуваат постојаните членки на Советот за безбедност на ОН - Франција, Велика Британија, Русија и Кина.

Покрај Трамп, државниот секретар на САД, Марко Рубио, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ќе зборуваат и поранешниот британски премиер Тони Блер, кој треба да има висока позиција во Одборот за мир, амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц, и високиот претставник за Газа, Николај Младенов.

Ненадејната одлука на Европската комисија да ја испрати комесарката за Медитеранот Дубравка Шуица на првиот формален состанок на Одборот за мир во Вашингтон предизвика гнев кај неколку земји-членки, а Франција го предводеше во изразувањето институционални и политички забелешки, објави вчера „Еуроњуз“.

На вчерашниот состанок на амбасадорите на ЕУ критичарите тврдеа дека учеството на Шуица, за кое главните градови не биле однапред информирани, нема потребен мандат и ризикува да се протолкува како колективна поддршка за контроверзната иницијатива, изјавија неколку дипломати за „Еуроњуз“, зборувајќи под услов на анонимност.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата