Трагедија во Пакистан – 33 ученици и еден наставник загинаа при уривање на покривот на училиште; сопственикот е уапсен

15.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трагедија во Пакистан – 33 ученици и еден наставник загинаа при уривање на покривот на училиште; сопственикот е уапсен

Сите загинати ученици биле помлади од 13 години. Сопственикот на училиштето е уапсен, а претседателот на Пакистан побара сеопфатна истрага за причините за несреќата.

Најмалку 33 ученици и еден наставник загинаа кога се урна покривот на училиште во Пешавар, главниот град на пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва. Спасувачките служби стравуваат дека под урнатините има уште заробени деца, што значи дека бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми, јавуваат локалните медиуми.

Загинатите деца биле на возраст меѓу шест и 12 години, изјави Мохамад Асим, портпарол на болница во Пешавар. Деветнаесет лица се повредени, од кои петмина се во критична состојба, додаде тој.

Полицијата го потврди апсењето на сопственикот на училиштето, кое се наоѓа во населбата „Дир Колони“ и работело во рамките на образовна фондација.

Станува збор за приватно училиште лоцирано во северниот дел на градот. Во тек е истрага, а се претпоставува дека причина за уривањето на покривот е слабата конструкција.

„Конструкцијата на објектот беше слаба. Покривот беше преоптоварен поради дополнителна градба врз нестабилна рамка, што доведе до уривање“, изјави началникот на полицијата. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изрази длабока тага поради трагедијата што се случи во училиштето. Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари, исто така, упати сочувство.

„Оваа потресна трагедија ја потресе целата нација“, рече тој.

Претседателот на Пакистан, исто така, повика на сеопфатна истрага за утврдување на причините за несреќата, како и на преиспитување на безбедносните стандарди во училишните објекти, со цел да се спречат слични трагедии во иднина.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата