Странец бил претепан до смрт за време на протестен марш во Дурбан, град на источниот брег на Јужна Африка, откако бил нападнат од група од околу 50 луѓе, соопшти полицијата. Тензиите и антиимигрантските протести продолжуваат да се разгоруваат во најразвиената економија во Африка.
Според полициските информации, неидентификуваниот маж, за кој се верува дека е на возраст меѓу 35 и 45 години, прво му се приближиле двајца мажи по патот, по што бил нападнат од поголема група луѓе. Мажот бил прогласен за мртов на местото на настанот.
Владата ги повика демонстрантите да се однесуваат мирно
Полицијата започна истрага за убиството, а мотивот за нападот сè уште не е утврден. Убиството се случило по бранот антиимигрантски протести што ја зафатија Јужна Африка оваа година, од кои некои станаа насилни. Порано овој месец, продавници и автомобили беа запалени во Дурбан и Совето, во близина на Јоханесбург.
Портпаролот на покраинската полиција, Роберт Нетшиунда, изјави за Би-Би-Си дека полицијата не може да шпекулира за мотивот за убиството во Дурбан и дека ќе сподели повеќе информации штом ќе бидат потврдени.
Владата ги повика демонстрантите да се однесуваат мирно, признавајќи ја потребата од реформирање на имиграцискиот систем. Владата тврди дека десетици илјади странски државјани се депортирани или вратени во нивните земји откако започна засилена акција против нелегалната миграција на почетокот на оваа година.
Веќе се пријавени напади врз луѓе од други африкански земји.
Една од групите зад протестите, „Марш и Марш“, првично постави рок до 30 јуни за сите недокументирани мигранти да ја напуштат Јужна Африка. Пред тој рок, беа одржани неколку протести, а беа регистрирани и напади врз луѓе од други африкански земји.
Како резултат на тоа, неколку земји, вклучувајќи ги Зимбабве, Нигерија и Гана, презедоа чекори за враќање на своите државјани, плашејќи се од понатамошно насилство. Нигерија ги обвини јужноафриканските власти дека се одговорни за смртта на двајца нејзини државјани тој месец.
Гана, исто така, ја потврди смртта на својот државјанин, Баширу Исак, татко на три деца, кој беше застрелан за време на анти-странските протести во Кејптаун. Неговата смрт предизвика дипломатски спор со Јужна Африка, чии власти тврдеа дека обемот на насилството е преувеличен. Јасинта Нгобесе-Зума, една од лидерките на движењето „Марш и марш“, ги отфрли обвинувањата дека е ксенофобична. „Не можеме да живееме со овие луѓе со години, а потоа, кога велиме дека сè е премногу и дека е доста, добиваме одговор дека сме ксенофобични“, изјави таа за програмата „Фокус на Африка“ на Би-Би-Си.
Јужна Африка останува една од главните дестинации во Африка за мигрантите
Јужна Африка се соочува со ксенофобични напади речиси две децении. За време на раширеното насилство врз странските државјани во 2008 година, повеќе од 60 лица беа убиени, а десетици илјади мораа да ги напуштат своите домови.
Најновите немири се случуваат во услови на широко распространета сиромаштија, големи социјални нееднаквости и невработеност, што влијае на околу една третина од работоспособното население.
Мигрантите често се обвинуваат дека им одземаат работни места на домашното население, придонесуваат за криминал и ставаат дополнителен товар на јавните услуги. И покрај економските тешкотии, Република Јужна Африка е сè уште една од главните дестинации на африканскиот континент за мигрантите кои бараат работа, безбедност и подобри животни можности.

