Десетгодишно девојче, лице кое го преживеало Холокаустот и млад франуски државјанин кој играл фудбал за македонски клуб Рокдејл Илинден во Австралија се меѓу жртвите во 11-минутниот злосторнички поход на Саџид и Навид Акрам, татко и син со пакистанско потекло.

Австралиските власти нападот врз семејствата на популарната плажа Бонди во Сиднеј, кои ја одбележуваа првата вечер од еврејскиот празник Ханука го оценија за најкрвав во изминатите три децении. Таткото бил убиен во престрелка со полицијата, а синот е тешко повреден и во критична состојба.

-Едниот е починат, вториот е во критична, но стабилна состојба во болница во моментот. Напаѓачите се 50 и 24 годишни мажи кои се татко и син. - Мал Лантон – Началник на полиција на Нов јужен Велс.

Двајцата поседувале дозвола и при нападот користеле оружје кое било легално набавено, а на семејството му соопштиле дека кобниот ден заминуваат на риболов. Дел од нивните соседите за локалните медиуми велат дека ги познавале како тивки и повлечени луѓе.
-Тие беа едноставно чудни луѓе. Не викаа „здраво“ на никого тука. / Би ги опишале како повлечени?/ Да, да, многу тивки луѓе. - Лемантуа Фату – Сосед на напаѓачите.

Полицијата за сега официјално не ги соопштува мотивите за нападот, кој е оценет како анти-семитски, а премиерот Албанезе најави законски измени за поседување на оружје во Австралија. Неговиот израелски колега Нетанјаху пак, го обвини дека не презел ништо за спречување на омразата во неговата земја.

-Владата е подготвена да преземе било какви мерки. Вклучена во тоа е и потребата од посилни закони за оружје. / Ќе се проверуваат дозволите (за оружје) издадени во одреден период. Околностите на луѓето се менуваат, луѓето можат да се радикализираат во одреден временски период. Дозволите за оружје не треба да се вечни. - Ентони Албанезе – Премиер на Австралија.

-Вашата влада не направи ништо да го спречи ширењето на анти-семитизмот во Австралија. Не направивте ништо да ги спречите келиите од рак кои растеа во вашата земја. Не преземавте ништо дозволивте болеста да се прошири и резултатот е страшниот напад врз Евреите кој го видовме,- Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.

Во фокусот на вниманието светската јавност втор ден е 43 годишниот Ахмед, кој херојски му го одзеде оружјето на еден од напаѓачите. Во обидот да го спречи масакрот и самиот бил повреден. Неговиот чин јавно го поздрави и американскиот претседател Трамп.
-Многу храбра личност која влезе и директно го нападна еден од напаѓачите и притоа спаси многу животи. Многу храбра личност која сега е во болница, доста сериозно повреден. И имам голема почит кон тој човек кој го направи тоа. - Доналд Трамп – Претседател на САД.
Покрај 15 жртви, во нападот повредени се уште четириесетина лица од кои некои се во критична состојба. Знамињата во Австралија денеска се на поливина копје, а на плажата каде се случи масакрот во текот на целиот ден се остава цвеќе за жртвите.

