Такаичи предупреди на притисокот од Кина и најави повеќе средства за армијата

20.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Такаичи предупреди на притисокот од Кина и најави повеќе средства за армијата

Денеска таа го имаше својот прв настап од парламентарната говорница по неодамнешните парламентарни избори, на кои беше реизбрана за премиерка, наведуваат британските медиуми.

Првиот мандат на Такаичи беше обележан со дипломатски спор со Кина, откако таа изјави дека Јапонија би можела да употреби воена сила за да одговори на напад врз Тајван.

Премиерката постави агенда за справување со тоа што таа го нарекува растечка економска и безбедносна закана од Пекинг и неговите партнери.

„Јапонија се соочува со најтешкото и најсложено безбедносно опкружување од Втората светска војна“, рече Такаичи, осврнувајќи се на зголемената воена активност на Кина, нејзините блиски односи со Русија и растечкиот нуклеарен капацитет на Северна Кореја.

Таа рече дека владата годинава ќе ги ревидира трите основни безбедносни документи за да изготви нова одбранбена стратегија и да го забрза прегледот на правилата за извоз на воена опрема за проширување на продажбата во странство и зајакнување на одбранбените компании.

Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) денеска предложи укинување на правилата што го ограничуваат извозот на воена несмртоносна опрема како што се панцири, што би можело значително да ја прошири продажбата на јапонска опрема во странство, објави агенцијата Кјодо.

„Кина ги интензивираше своите обиди еднострано да го промени статус кво-то со сила или принуда во Источнокинеското Море и Јужнокинеското Море“, изјави таа пред пратениците.

Јапонија треба да ги зголеми воените трошоци на два проценти од бруто-домашниот производ (БДП) до крајот на март, што ќе ја направи една од најголемите воени потрошувачи во светот.

Покрај безбедноста, Такаичи предложи формирање јапонска верзија на Комитетот за странски инвестиции во САД (CFIUS) за да ги испитува странските инвестиции во чувствителните сектори и рече дека ќе бидат преиспитани правилата што го регулираат купувањето на странско земјиште.

Таа ветуваше дека ќе ја намали зависноста од „одредени земји“ со зајакнување на синџирите на снабдување и соработка со сојузниците за обезбедување ретки минерали.

Такаичи, исто така, вети дека ќе го забрза рестартирањето на нуклеарните реактори што се затворени од катастрофата во Фукушима во 2011 година.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата