Според „Волстрит џурнал“, кој се повикува на свои извори, двете заливски држави постепено се движат кон поактивна улога откако Ријад им дозволил на американските сили да користат воздушна база на своја територија. Извор запознаен со одлуката за медиумот изјавил дека е „само прашање на време“ кога Саудиска Арабија ќе влезе во војната, потсетувајќи на изјавата на саудискиот министер за надворешни работи од минатата недела дека трпението на Кралството за иранските напади „не е неограничено“.
Во пресрет на конфликтот, Ријад настојуваше да остане надвор од ескалацијата и одбиваше да дозволи користење на својот воздушен простор за американски операции, но Иран сепак лансираше ракети кон Кралството.
По почетокот на војната на 28 февруари, кога Израел и САД започнаа напад врз Иран, Техеран возврати не само кон нив, туку и кон сите шест членки на Советот за соработка во Заливот (GCC) – Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и ОАЕ. Повторените напади предизвикаа човечки жртви и сериозно го нарушија производството на нафта и гас, како и туризмот – клучни економски столбови за регионот.
Иран, исто така, воведе де факто блокада на Ормуската Теснина, преку која вообичаено минуваат околу 20 проценти од светската нафта и гас, што доведе до нагло зголемување на цените на суровата нафта.
И покрај почетното противење на употребата на сила, заливските држави сега вршат притисок врз САД да продолжат со нападите, со цел Иран да излезе од војната со значително ослабени воени капацитети и без можност да претставува закана, изјавиле четворица високи функционери од регионот за „Тајмс оф Израел“ под услов да не бидат именувани.
Сепак, овие земји засега не извршиле директни напади бидејќи нивните лидери стравуваат од поширока и неконтролирана ескалација. Иако го делат заедничкото незадоволство кон Иран, заливските држави се незадоволни и од тоа што не можат значајно да влијаат врз политиките на администрацијата на Доналд Трамп, и покрај големите инвестиции во односите со Вашингтон.
Според извештајот, тие погрешно процениле дека успеале да ги убедат САД да спречат напади врз иранската енергетска инфраструктура, по израелскиот удар врз складиштата за гориво во Техеран. Минатата недела Израел изврши нов напад врз гасното поле „Саут Парс“, по што следуваа ирански одмазднички напади врз клучни енергетски објекти во заливските држави.
Трамп изјави дека не бил однапред информиран за нападот врз „Саут Парс“, додека израелски претставници тврдат дека акцијата била координирана со САД.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, изјави дека Израел „дејствувал самостојно“. Израелските власти наведуваат дека целта на воената кампања, спроведена заедно со САД, е ослабување на воените капацитети на иранскиот режим, неутрализирање на заканите од неговите нуклеарни и балистички програми, како и поддршката за регионални вооружени групи, со цел создавање услови за внатрешна промена на власта во Иран.

