Тоа е за една третина помалку од минатата година, пред се, поради намалувањето на донациите и загриженоста за придонесите од нејзиниот поранешен главен донатор, САД.
„Се фокусираме на оние на кои им е најпотребно, каде што можеме да спасиме најмногу животи“, изјави денеска високиот претставник на организацијата Чикве Ихеквеазу на брифинг во Женева, каде наведе дека средствата ќе бидат искористени на 36 локации, вклучувајќи го Појасот Газа, Судан и Украина.
„Длабоко сме загрижени за нашите огромни потреби и начините како ќе одговориме на нив“, додаде тој.
Ихеквеазу ги негираше тврдењата дека СЗО целосно ќе се повлече од било која криза.
„Она што го направивме, во секој од тие контексти, е дека можеби не направивме толку колку што би сакале“, им рече тој на новинарите.
САД официјално ја напуштија СЗО на 22 јануари, обвинувајќи ја организацијата за лошо управување со пандемијата на Ковид-19, што СЗО го негираше. Во минатото, САД беа голем донатор на СЗО, без разлика дали стануваше збор за вонредни здравствени ситуации, за кои организацијата главно се потпира на доброволни прилози, или за својот поширок буџет, кој делумно се полни со задолжителни членарини.
Ихеквеазу рече дека минатата година Вашингтон не бил голем донатор за вонредни здравствени ситуации, но ги истакна Европската Унија, Саудиска Арабија и Германија како главни придонесувачи.

