Според властите, Роланд Шмит (76) ја следел својата снаа, Кристина Мојер (45) пред хотелот „Мариот“ во Шомбург, предградие на Чикаго, минатиот петок и ја застрелал во главата на паркинг додека разговарала со друг член на семејството.
Обвинителите велат дека станува збор за „егзекуција“ од свекорот и дека злосторството го виделе повеќе сведоци, вклучувајќи членови на семејството. Шмит бил „бесен“ поради документите за развод што Мојер ги поднела против неговиот син, а според ABC 7 Chicago, тој признал дека го планирал убиството.
Кристина Мојер била однесена во локална болница, но починала кратко време подоцна од повредите. Шмит бил совладан од очевидец и предаден на полицијата.
Според NBC 5 Chicago, Шмит поседувал огнено оружје и муниција и покрај тоа што имал истечена FOID картичка, која е потребна за жителите на Илиноис.
На вчерашното рочиште , судијата наредил да остане во притвор до неговото следно рочиште, закажано за 22 август. Јавниот адвокат се обидел да го ослободи поради неговата возраст и здравствени проблеми, но не успеал, објави „Индипендент“.
Кристина Мојер беше мајка на две деца. Две лица во судницата кои тврдеа дека го познаваат Шмит, им рекоа на медиумите: „Молете се за нејзините деца“.