Судири на иранските универзитети поради протестите против Хамнеи

25.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Судири на иранските универзитети поради протестите против Хамнеи

Иранските безбедносни сили и полицајци во цивилка се обидоа синоќа да ја преземат контролата врз универзитетите низ Иран за да ги задушат студентските протести кои се одржуваат четврти ден против врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, додека во Женева се подготвува нова рунда разговори за нуклеарната програма на Иран.

Според извештаите од теренот, на некои факултети избувнале судири, а на социјалните мрежи биле објавени видеа од тепачки меѓу членови на паравоената милиција Басиџ и студенти на Универзитетот за наука и технологија во Техеран, објавува Гардијан.

Возила со митралези биле фотографирани пред Универзитетот во Техеран, додека протести биле снимени и во Машхад.

На другите универзитети, на студентите кои претходно учествувале во протестите им е забранет влез, а администрациите објавија прекин на наставата во живо.

Речиси 80 проценти од иранските универзитети веќе се префрлија на онлајн настава, делумно за да се спречат студентите да се собираат и да протестираат против владата и сузбивањето на јануарските демонстрации.

На снимки од Универзитетот за уметности во Техеран, може да се слушнат слогани како „Ќе се бориме, ќе умреме, ќе го вратиме Иран“, „Политичките затвореници мора да бидат ослободени“ и „Хамнеи Захак, ќе те закопаме жив“, алудирајќи на митски тиранин од персиската традиција, објаснува британскиот весник. Генералниот обвинител на Иран, Мохамед Мохеби Азад, повика на решителна акција против демонстрантите.

„Надлежните институции мора брзо да ги идентификуваат поврзаните елементи и да преземат решителни и законски мерки против нив. Секогаш кога системот е на патот на преговори, одредени струи, под водство на непријателот, се обидуваат да ја запалат внатрешната атмосфера“, рече Азад.

Демонстрациите се случуваат пред третата рунда разговори за нуклеарната програма на Иран, закажана за утре во Женева помеѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.

Разговорите, посредувани од Оман, се сметаат за клучни, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп го засилува своето воено присуство во регионот, вклучително и распоредување дополнителни поморски и воздушни сили. Аналитичарите велат дека успехот на разговорите зависи од тоа дали САД се подготвени да му дозволат на Иран да збогатува ураниум за ограничени цивилни цели, како што се медицински материјали. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата