Тој е 14-ти градоначалник убиен откако Клаудија Шајнбаум стана претседател на Мексико во октомври 2024 година.
Валентин Лавин Ромеро, член на Зелената партија, сојузник на владејачката левичарска партија Морено, беше ранет кон крајот на јануари кога беше нападнат од вооружени лица на бензинска пумпа покрај автопатот, објавува Гардијан.
Овој пат, напаѓачите влегоа во градското собрание на Темоак, град во близина на Сиудад де Мексико, сред бел ден и го убија Лавин Ромеро пред да избегаат со мотоцикл. Властите сè уште не утврдија мотив ниту ги идентификуваа осомничените, но обвинителството на Морелос вети дека ќе „ги исцрпи сите можности за истрага“.
Наводно, убиениот градоначалник имал врски и со криминалци
Речиси 100 градоначалници се убиени во Мексико од 2006 година, кога тогашниот претседател Фелипе Калдерон ја ангажираше војската во борбата против групите на организиран криминал. Таа одлука на крајот доведе до пораст на насилството поврзано со дрога.
Локалното ниво на власт е најмалку заштитениот дел од државниот систем и токму таму криминалните групи се обидуваат да склучуваат договори со властите со цел да ја консолидираат контролата врз локалните области и бизниси.
Локалните медиуми објавија дека самиот Лавин Ромеро наводно имал врски со локалните криминални групи. Неговата свекрва, поранешна благајничка на градската администрација, била уапсена во септември 2025 година под сомнение за поврзаност со криминалната група „Лос Апарицио“ и учество во киднапирања.
Поставен транспарент во центарот на градот
Во март, активистичката група Народен фронт за одбрана на земјата и водата побара од властите да го истражат Лавин Ромеро за неговата наводна вмешаност во убиствата на двајца активисти, Самир Флорес и Сандра Роса Камачо Флорес.
Отприлика во исто време, три месеци по првиот обид за атентат врз него, во центарот на Темоак бил поставен транспарент, наводно дело на криминална група, обвинувајќи го Лавин Ромеро дека ги штити нивните ривали и барајќи од него да застане на страната на нивните интереси.
Неговото убиство се случува во време кога федералната влада на Мексико презема мерки за сузбивање на корупциските мрежи меѓу локалните власти и криминалните групи како дел од операцијата „Рој“, во која беа уапсени 85 службеници во три федерални држави, вклучувајќи го и Морелос.
Стапката на убиства во Мексико се намали за околу половина во изминатата година, според официјалните бројки, иако безбедносните аналитичари велат дека вистинскиот пад веројатно ќе биде помал. Во исто време, повеќе од 130.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати.

