Москва ќе работи со информациите што ќе ги донесе специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф, а неговата посета на руската престолнина останува според планот, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.
- Сè што можеше и требаше да се каже на оваа тема, беше направено вчера преку претседателскиот помошник и прес-секретарот. Ова не е прва посета на Виткоф на Москва. Ќе соработуваме со она што тој ќе го донесе, рече Рјабков за новинарите, одговарајќи на прашањето дали се очекува ажурирана верзија на планот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Рјабков додаде дека Москва сè уште нема „јасна слика во врска со исходот од дискусиите во Женева, ниту пак за улогата на деструктивните сили околу ЕУ, кои настојуваат да го нарушат натамошниот напредок“.
На прашањето дали посетата останува во сила, Рјабков повтори: „Немам причина да го доведувам тоа во прашање“.
Претходно, помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, најави прелиминарен договор за посета на Виткоф следната недела, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека точниот датум сè уште не е утврден.

