Хималајското цунами, како што го нарекоа светските медиуми, предизвикано од колапс на глечер на планините, за само неколку минути ја прекри со карпи, вода и кал целата долина долж реката Тришули, не оставајќи време голем број од луѓето да се извлечат.

Најмалку 300 загинати и 1.500 исчезнати е досегашниот биланс во ненадејната стихија од двете страни на границата меѓу Непал и Тибет.
-Oвде до вчера беше мојот дом. Сега го нема. Се е збришано. Стихијата дојде од таму, носеше се на сите страни. , вели преживеан во поплавите.

-Во моментов најголем предизвик е да се најдат заробени и преживени луѓе. Не можеме да претпоставиме за колкава бројка станува збор. , преживеан во поплавите.
-Бев на терасата кога водата надојде и буквално се искачи до мојот кат. Мојата сопруга не преживеа. Јас чекав да опадне нивото на водата, а потоа, по пет и пол часа бев спасен со хеликоптер. , преживеан во Непал.

Меѓу исчезнатите над 500 се странски туристи, најголем дел Индијци и туристи кои биле на аџилак. Дури 33 држави пријавија свои граѓани со кои не можат да стапат во контакт. Меѓу нив, и 65 Американци, 50 Украинци, 35 Британци, исто толку Австралијци.
Македонското МНР засега нема информација за евентуални наши исчезнати државјани таму. Спасувачките операции се одвиваат тешко, затоа што се урнати и многу мостови, вклучително и најголемиот што ги поврзува Напал и кинескиот автономен регион.

-Според првичните информации на надлежните во Кина, (во регионот на Тибет) вкупно за исчезнати се водат 260 странски државјани во погодената област. Што се однесува на непалската страна, речиси 100 кинески државјани се водат за исчезнати. , изјави Ванг Шубинг, портпарол на кинеското МНР.

-Имаме 288 индиски државјани со кои немаме контакт, вклучително и 73-ца кои работеа на енергетски проект. , изјави Рандхир Јаисвал, портпарол на индиското мнр.

Иако првично непалските власти соопштија дека катастрофата ја предизвикал земјотрес, подоцна беше утврдено дека сеизмичките промени биле резултат на таканаречен глацијален колапс, односно пукање на глечер на Хималаите што иницирал огромни колични вода и лавини од наноси да се струполат надоле. Дел од светските експерти сметаат дека клучната причина сепак е резултат на климатските промени.

