Сојузниците на Украина од Европа и САД ги конкретизираа плановите за помош по прекин на огнот

10.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сојузниците на Украина од Европа и САД ги конкретизираа плановите за помош по прекин на огнот

Членките на коалицијата на подготвените наведоа дека потфатот во Париз ќе биде официјализиран како Мултинационални сили на Украина, а тој состав би можел да се премести во Лондон и да има координативна ќелија во Киев.

Одлуката е донесена на виртуелната средба на Коалицијата на подготвените на која премиерот на Велика Британија, Кир Стармер и претседателот на Франција Емануел Макрон се приклучија од Постојаниот заеднички штаб на Обединетото Кралство во Нортвуд, додека украинскиот претседател Волдимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџа Мелони и други лидери се приклучија од Конференцијата за обнова на Украина во Рим за да разговараат за најновите планови и пошироките напори за поддршка на Украина, соопшти британската Влада. На состанокот присуствуваше и специјалниот пратеник на претседателот на САД за Украина и Русија, Кит Келог.

Се очекува силите да обезбедат логистичка и обучена експертиза за да помогнат во реконструкцијата на украинската армија.

Стармер притоа изјави дека, како што ги нарече, „силите за уверување“ се неопходни за обезбедување безбедност во Европа.

Мелони рече дека присуството на американската делегација на ваков состанок претставува, како што наведе, „фундаментален знак за единство“ на Западот во поддршката на Киев.

- Се согласувам со фактот дека мораме да го зголемиме притисокот врз Москва за што побрзо да се постигне прекин на огнот што конечно ќе го отвори патот за дипломатија, рече таа.

Зеленски, исто така, ѝ се заблагодари на делегацијата на САД за учеството на конференцијата и изјави дека сигналите на САД за помош на Украина се „многу, многу важни“.

- Ние сметаме на нив. Сигурен сум дека во иднина заедно ќе ја развиваме коалицијата на подготвените, додаде тој. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата