Со американската блокада вратени девет бродови во иранските пристаништа

15.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Со американската блокада вратени девет бродови во иранските пристаништа

Во првите 48 часа од американската блокада на бродовите што влегуваат и излегуваат од иранските пристаништа, ниту еден брод не можел да помине низ американските сили, соопшти американската воена команда. 

Покрај тоа, девет бродови ги послушале упатствата од американските сили да се свртат и да се вратат во иранско пристаниште или крајбрежна област.

Во посебна објава, командантот на CENTCOM, адмирал Бред Купер, изјави дека американските сили одржуваат поморска супериорност на Блискиот Исток и ефикасно ја запреле поморската трговија кон и од Иран. 

Околу 90 отсто од економијата на Иран зависи од поморската трговија, истакна Купер, цитиран од ДПА

И покрај блокадата, иранската новинска агенција Фарс објави дека ирански супертанкер, што е под санкции на САД, го преминал теснецот до иранското пристаниште „Имам Хомеини“. Агенцијата не го идентификуваше танкерот ниту даде дополнителни детали за неговото патување, забележуваат британските медиуми.

Здружениот штаб на иранската армија предупреди дека ќе го запре трговскиот тек во Персискиот Залив, Оманското Море и Црвеното Море, кое се поврзува со Суецкиот канал, доколку продолжи блокадата од страна на САД.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани дека ќе го ескалира конфликтот доколку војната продолжи. 

Тој за мрежата „Фокс бизнис“ изјави „можеме да ги уништиме сите нивни мостови за еден час. Можеме да ги уништиме сите нивни електрани за еден час. Не сакаме да го правиме тоа... па ќе видиме што ќе се случи“.

Американските медиуми објавија дека брод што плови под знамето на Малта е првиот танкер за сурова нафта што се упатил кон запад низ Ормуската Теснина откако САД ги блокираа иранските пристаништа, наведува глобалната мрежа за следење на превозот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата