Словачка се закани дека ќе им ја укине помошта на украинските бегалци, поради прекинот на гасот

3.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Словачка се закани дека ќе им ја укине помошта на украинските бегалци, поради прекинот на гасот

На 1 јануари Киев го исклучи гасоводот кој со децении служеше за снабдување на централна Европа со руски природен гас.

Словачка беше главната влезна точка и земјата сега ќе изгуби милиони евра од транзитни такси.

Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) минатиот месец процени дека во Словачка има 130.530 украински бегалци од 6.813.900 во светот.

Фицо, кој дојде во ненадејна посета на Москва во декември за да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, го опиша потегот на Киев како саботажа, пренесува Би-Би-Си.

Премиерот на земјата од ЕУ рече дека ќе предложи запирање на извозот на електрична енергија во Украина и „нагло намалување“ на финансиската поддршка за Украинците кои нашле засолниште во Словачка.

Тој рече дека не постои ризик Словачка да страда од недостиг на гас, бидејќи веќе има направено алтернативни аранжмани.

Но, Фицо додаде дека одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги затвори плиноводите ќе ја лиши Словачка од 500 милиони евра транзитни такси од други земји.

Тој рече дека неговата партија е подготвена да разговара за „запирање на снабдувањето со електрична енергија“ и „значително намалување на поддршката за украинските граѓани во Словачка“.

„Единствената алтернатива за суверена Словачка е да го врати транзитот или да бара компензаторни механизми за да ја замени загубата во јавните финансии“, додаде тој.

Минатиот месец Зеленски го обвини Фицо дека му помага на Путин да ја „финансира војната и да ја ослабне Украина“.

„Фицо ја вовлекува Словачка во обидите на Русија да им нанесе поголемо страдање на Украинците“, рече украинскиот претседател.

Полска му понуди поддршка на Киев во случај Словачка да го прекине извозот на електрична енергија - испораките кои се клучни за Украина, чии електрани редовно се под напади од Русија.

Полската влада го нарече прекинот на испораката на руски гас од Украина „уште една победа“ против Москва, додека Европската комисија рече дека ЕУ се подготвила за промената и дека повеќето земји можат да се справат.

Молдавија, која не е во ЕУ и е една од најсиромашните земји во Европа, веќе страда од недостиг.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата