Сириските безбедносни сили се распоредуваат во градот Хасака

2.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сириските безбедносни сили се распоредуваат во градот Хасака

Распоредувањето на сириските сили во Хасака е дел од мировниот договор помеѓу владините и курдските сили, постигнат со посредство на САД, со кој е предвидено интеграција на курдските сили во сириската армија и во администрацијата.

Договорот за прекин на огнот е постигнат откога Сириските демократски сили (СДФ) во судир со сириската армија во јануари изгубија контрола врз голема територија во источна и во северна Сирија.

Новиот командант на внатрешните безбедносни сили во провинцијата Хасака, Марван ал-Али, именуван од Дамаск, ги повика своите сили да ги „спроведуваат безбедносни мисии во согласност со утврдените планови и целосно да се придржуваат кон законите и прописите“.

Локалните курдски власти соопштија дека го прифаќаат договорот за прекин за да „ја гарантираат безбедноста на жителите“. Курдите за време на граѓанската војна во Сирија (2011 - 2024) воспоставија автономна зона во северниот и североисточниот дел на Сирија. Со договорот за прекин на огнот завршуваат надежите на Курдите за воспоставување поголема автономија.

Во согласност со договорот за прекин огнот курдските сили треба да се повлечат источно од реката Еуфрат, сириската влада ќе ги преземе воено и административно контролираните провинции Деир ез-Зор и Рака. Сите гранични премини, гасни и нафтени полиња во областа, исто така ќе бидат предадени на сириската влада.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата