Седумгодишно девојче загина, откако ја згмечило дрво во парк во Британија

1.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Седумгодишно девојче загина, откако ја згмечило дрво во парк во Британија

Трагедијата се случила во саботата попладне, нешто пред 15 часот, во паркот Чоквел во Саутенд, кога, од причини што сè уште не се утврдени, дел од дрво паднало врз група деца, пишува Скај њуз.

Девојчето е пренесено во болница со сериозни повреди, но лекарите не можеле да ѝ го спасат животот. Заедно со Леона, во несреќата е тешко повредено и шестгодишно девојче, кое е во критична состојба и се бори за живот. Уште три деца се здобиле со полесни повреди, а сите исто така биле згрижени во болница.

Сведоци: „Се обидувавме да го кренеме дрвото“

Сведоците ја опишаа сцената како шокантна. Според нив, помеѓу 40 и 50 луѓе дошле да помогнат и се обиделе да го кренат дрвото од децата. Граѓаните се собрале на местото на несреќата и оставиле цвеќе, пораки, плишани играчки и свеќи во чест на починатото девојче.

Семејството на малата Леона издаде емотивно соопштение, опишувајќи ја како „светлината на нивниот живот“. „Имаше интелигентна и љубопитна душа, беше полна со енергија, имагинативна и слатка. Обожаваше да истражува, да поставува прашања и да сонува. Беше весела и носеше радост каде и да се појавуваше“, рекоа родителите.

„Неверојатно сме благодарни за секоја запалена свеќа, за секој оставен цвет, за секоја солза. Таква количина љубов ни донесе утеха што не можевме ни да ја замислиме“, им се заблагодарија родителите на сите што ја покажаа својата поддршка.

Полицијата од Есекс потврди дека е во тек истрага за околностите околу падот на дрвото. Помошничката началничка Луси Морис рече дека сите се надеваат на позитивен исход за девојчето, кое сè уште е во болница, и дека нејзиното семејство ја добива целата потребна поддршка. Таа додаде дека истрагата ќе биде темелна и независна, а резултатите ќе бидат објавени штом ќе бидат достапни.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата