Се огласи ММФ: Повисоките царини на Трамп не се решение

22.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Се огласи ММФ: Повисоките царини на Трамп не се решение

Според Фондот, глобалните трговски нерамнотежи не се нужно проблем сами по себе, но можат да претставуваат ризик ако надминат одреден праг.

Глобалните нерамнотежи се дополнително влошени од зголемените суфицити и дефицити во трите најголеми економии во светот - САД, Кина и еврозоната.

Трговскиот дефицит на САД се зголеми за 228 милијарди долари на 1,13 трилиони долари (еден процент од глобалниот БДП), додека суфицитот на Кина скокна на 424 милијарди долари, а на еврозоната на 461 милијарда долари.

ММФ посебно ги истакна ризиците што ги претставуваат царинските политики на Трамп во извештајот, предупредувајќи дека понатамошната ескалација на трговската војна „може да има сериозни макроекономски ефекти“ - од забавување на глобалната побарувачка до зголемување на инфлацијата преку зголемување на увозните цени.

Главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуринчас, во придружен блог истакна дека причините за нерамнотежите се претежно внатрешни - како што се прекумерните јавни трошоци во земјите со дефицит.

Наместо во царини, тој го гледа решението во реформи што ја стимулираат потрошувачката во Кина, додека предлага поголеми инвестиции во инфраструктура за земјите од еврозоната и фискална дисциплина за Соединетите Американски Држави.

ММФ, исто така, предупредува на потенцијални нарушувања во меѓународниот монетарен систем, особено поради сè поизразените геополитички тензии.

Зголемувањето на употребата на кинескиот јуан во меѓународната трговија, слабеењето на побарувачката за американски обврзници и развојот на алтернативни системи за плаќање би можеле да ја ослабат улогата на доларот како светска валута на долг рок.

- Главниот ризик за светската економија е тоа што земјите ќе одговорат на растечките нерамнотежи со нови трговски бариери, што ќе ја продлабочи геоекономската фрагментација - заклучува извештајот на веб-страницата на организацијата со седиште во Вашингтон.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата