Портпаролот на коалицијата, Турки ал-Малики, изјави дека дронови биле пресретнати и уништени, а пресретната е и балистичка ракета, насочена кон југозападниот град Хамис Мушаит. Ал-Малики не даде детали за можна материјална штета или жртви.
Претходно, накратко беа издадени официјални безбедносни предупредувања во неколку делови од Саудиска Арабија, вклучувајќи ги градовите Абјан и Хамис Мушаит. Обидот за напад врз Ријад има посебно симболично значење бидејќи ја демонстрира способноста на Хутите, кои се сојузници на Иран, да го нападнат центарот на моќ во сунитското кралство.
Саудиската престолнина е оддалечена околу 850 километри од областа контролирана од Хутите во западен Јемен. Саудиската војска завчера соопшти дека пресретнала шест балистички ракети лансирани од Хутите.
Пред десет дена, коалицијата предводена од Саудиска Арабија, исто така, објави напад со беспилотни летала на Хутите врз муслиманскиот свет град Мека.
Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен
Портпаролот на Хутите го негираше ова. Хутите ги засилија нападите врз соседна Саудиска Арабија поради обновената ескалација на војната во Јемен. Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен и изврши неколку воздушни напади врз Хутите како дел од коалицијата предводена од Ријад.
Неодамнешните напади на Хутите врз нафтените постројки и клучниот саудиски нафтовод го зголемија притисокот врз Ријад. Милицијата, исто така, се обиде да ги спречи саудиските танкери за нафта да минуваат низ теснецот Баб ал-Мандеб, витален превозен пат, во обид да го наруши извозот на кралството во Азија.

