Саудиска Арабија и Европската Унија покренаа нова иницијатива за мир меѓу Палестинците и Израел

19.09.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Саудиска Арабија и Европската Унија покренаа нова иницијатива за мир меѓу Палестинците и Израел

Саудиска Арабија и Европската Унија покренаа нова иницијатива наречена „Напор за Ден на мирот“ за да состават пакет стимулации за Израелците и Палестинците со надеж дека повторно ќе започнат израелско-палестинскиот мировен процес кој е замрзнат во изминатата деценија.

Јордан, Египет и Арапската лига се исто така дел од иницијативата, чиј воведен состанок се одржа вчера, на маргините на седницата на високо ниво на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН.

„Знаеме дека засегнатите страни не се подготвени во оваа фаза. Тие не се подготвени“, изјави за новинарите во Њујорк шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, по состанокот на кој присуствуваа претставници на 60 земји-членки на ОН.

– Не можеме да стоиме со скрстени раце повторувајќи ја мантрата за „решение за две држави“ без да направиме се што можеме за да го постигнеме тоа. Резултатот од средбата е поголема посветеност на многу луѓе да се ангажираат повеќе во ова „решение со две држави“, кое е единственото остварливо решение. Нема алтернатива на дводржавно решение на конфликтот и не постои друго одржливо решение, рече Борел.

Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд,   вчера изјави за државната телевизија дека нема да има решение за палестинско-израелскиот конфликт без независна палестинска држава. – Решението со две држави мора да се врати во прв план, додаде тој.

САД се залагаат за безбедносен пакт со Ријад, кој ќе вклучува договор за нормализација меѓу Саудиска Арабија и Вашингтон, заедно со израелски гестови кон Палестинците.

Израел го посочи овој договор што чека и други договори за нормализација со арапските држави како доказ дека Израел може да ги унапреди своите врски со арапскиот свет одвоено од прашањето за палестинската државност.

Борел објасни дека иако ги поздравува „договорите меѓу арапските земји и Израел… ние мора да работиме за мир меѓу Израел и Палестина, и сите треба да придонесат за тоа – Арапите, Европејците, Соединетите Држави, целиот свет.

ЕУ соопшти дека се формирани три работни групи, вклучително политика и безбедност, економија и животна средина и човекова димензија. Напредокот кон креирање стимулативен пакет до септември 2024 година ќе се оценува на секои три месеци. Беше создаден и механизам за да им се овозможи на Израелците и Палестинците одделно да комуницираат со Иницијативата.

Оние кои се вклучени во Иницијативата, го поддржуваат решението со две држави  врз основа на линиите од пред 1967 година со соседната палестинска територија, соопшти ЕУ.

Заменик-генералниот секретар на ОН, Розмари Ди Карло, рече дека е важно да се деескалираат тензиите, да се прекине циклусот на насилство и повторно да се воспостави политичкиот хоризонт и дека за оваа цел е потребно политичко лидерство. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата