Санчез повторно го прозва Израел: Смртта на цивилите е неподнослива

1.12.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Санчез повторно го прозва Израел: Смртта на цивилите е неподнослива

Поради истата изјава, израелската влада еден ден претходно му изрази незадоволство на шпанскиот амбасадор.

„Израел има право да се брани од овој терористички напад, но јас повторив дека Шпанија смета дека смртта на цивилите во Газа е неподнослива и дека Израел мора да го почитува меѓународното хуманитарно право“, објави Санчез преку социјалната мрежа Х.

Таму изјавил дека разговарал со Ганц, член на израелскиот воен кабинет, кому му рекол дека Шпанија е партнер и пријател на Израел.

Санчез, 51-годишен социјалист кој овој месец доби нов четиригодишен мандат како лидер на Шпанија, побарал ослободување на сите заложници откако Израел и Хамас разменија некои од заложниците и палестинските затвореници од израелските затвори во последните денови.

Шпанскиот премиер е на самитот за климата во Дубаи, а телефонски разговарал со израелскиот министер, изјави извор од неговата влада за шпанската јавна телевизија ТВЕ.

Санчез, гостувајќи вчера на ТВЕ во Мадрид, рече дека „гледајќи ги бројките и снимките, особено на девојчињата и момчињата кои умираат, искрено се сомневам дека Израел го почитува меѓународното хуманитарно право“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави потоа дека му наложил на својот министер за надворешни работи да го повика шпанскиот амбасадор „по срамната изјава дадена од шпанскиот премиер истиот ден кога терористите на Хамас убиле Израелци во нашиот главен град Ерусалим“.

Санчез во моментов е единствениот европски лидер, заедно со белгискиот премиер Александар де Кро, кој за време на нивниот состанок во Израел му кажал на Нетанјаху што мисли за бомбардирањето на Газа, во кое се убиени над 15.000 цивили, од кои речиси половина се деца.

Ганц го потврди разговорот со Санчез преку социјалната мрежа Х, додавајќи дека го информирал дека „терористичкиот Хамас мора да биде уништен во Газа“.

„Му додадов на премиерот дека Израел придава големо значење на избегнување на цивилните жртви што е можно повеќе“, рече тој. „Хамас, од друга страна, продолжува да врши ужасни злосторства против човештвото, како што е користењето на децата и жените како жив штит“, додаде Ганц.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата