Без да наведе детали, Трамп рече дека се работи на безбедносни гаранции, а индиректно сугерираше и дека Киев сепак ќе мора да се соочи со територијални отстапки.
-Тие (Украина) веќе изгубија територија, да бидам искрен, територијата е изгубена. Во однос на безбедносните гаранции ќе работиме со Европа, Европа би имала голем удел во тоа. Работиме на безбедносни гаранции за да не почне војната повторно. Имавме бројни разговори со рускиот претсеател Путин. Мислам дека сме поблиску од кога и да е и ќе видиме што можеме да направиме. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Многу поконкретен беше полскиот премиер Доналд Туск, кој откри дека во Берлин, освен формирање на мултинационални сили во Украина предводени од европските земји, САД се понудиле да ја гарантираат безбедноста по урнекот на членот 5 од повелбата на НАТО, што би значело воен одговор кон Москва во случај Русија повторно да ја нападне Украина по постигнувањето примирје.
-Прв пат слушнав од устата на американски преговарач, конкретно од Виткоф кој беше недвосмислен. САД ќе се вклучат во гарантирањето на безбедноста на Украина на таков начин што Русија нема да има сомнежи дека американскиот одговор ќе биде воен, ако Русите повторно ја нападнат Украина. , изјави Доналд Туск, претседател на Полска.
По оптимистичките тонови од Брисел и од Вашингтон и предлогот за прекин на огнот на Божиќ, студен туш од Москва. Не сакаме примирје, туку мир порача Кремљ додека украинскиот претседател Зеленски од говорницата во Советот на Европа во Хаг уверуваше дека каков и да е договор не смее да биде награда за агресорот.
-Не е доволно Русија само да се принуди на договор. Не е доволно да се спречи убивањето. Мора да ја натераме Русија да прифати дека во светот постојат правила и дека не може да ги измами сите. Ова е патот кон траен мир. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
-Ние сакаме мир. Не сакаме примирје за да ѝ дадеме пауза на Украина и да ја подготвиме за продолжување на војната. Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги постигнеме нашите цели. , изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Западните медиуми пишуваат дека територијалните прашања и натаму остануваат нерешени, вклучително и последниот предлог на Вашингтон за воспоставување слободна економска зона во Донбас на територијата што е под контрола на украинската војска. Предлогот предвудува украинската страна целосно да се повлече, а руската да не смее да навлезе на таа територија.

