САД најавуваат олеснување на санкциите за нафтениот сектор на Венецуела

28.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД најавуваат олеснување на санкциите за нафтениот сектор на Венецуела

Соединетите Американски Држави со месеци го блокираат извозот на венецуелската нафта, распоредувајќи воени бродови во Карипскиот регион. На почетокот на јануари, американските сили го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, со образложение дека треба да биде изведен пред американски суд под обвинение за, како што беше наведено, „наркотероризам“.

Претседателската функција привремено ја презеде заменичката на Мадуро, Делси Родригез, а Вашингтон соопшти дека со Каракас склучил договор за испорака на нафта во вредност од две милијарди долари. Американските власти ги повикаа компаниите да инвестираат во Венецуела, со процени дека вкупниот износ на инвестиции во следната деценија би можел да достигне 100 милијарди долари.

Во меѓувреме, дозволи за трговија беа издадени на компаниите „Витол“ и „Трафигура“, додека бројни партнери и купувачи на државната нафтена компанија PDVSA поднесоа барања за проширување на производството и извозот. Меѓу нив се „Шеврон“, „Репсол“ и „ЕНИ“, индиската рафинерија „Релајанс индустрис“, како и група американски услужни компании.

Големиот број поединечни барања доставени до американската влада ја забавил реализацијата на плановите за проширување на извозот и за брзи инвестиции во Венецуела, изјавија два извора.

Канцеларијата за контрола на странскиот имот при Министерството за финансии на САД воведе санкции врз целокупната венецуелска енергетска индустрија во 2019 година, по претседателските избори на кои Мадуро освои уште еден мандат. Белата куќа тогаш соопшти дека изборите не биле легитимни. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата