САД ја напуштија Светската здравствена организација

23.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД ја напуштија Светската здравствена организација

САД го завршија процесот на повлекување од Светската здравствена организација, специјализираната агенција на Обединетите нации, една година откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го прекинува 78-годишното членство во организацијата основана во 1948 година.

Според американските медиуми, ова не е „чист прекин“ бидејќи САД на ова агенција на ОН ѝ должат повеќе од 130 милиони долари, се навеудва во сопствената проценка на организацијата.

И претставници на администрацијата на Трамп признаваат дека не завршиле со решавање на некои проблеми, како што е изгубениот пристап до податоци од други земји, што би било рано предупредување за САД за нова пандемија.

Повлекувањето ќе му наштети на одговорот на светот на нови епидемии и ќе ја попречи способноста на американските научници и фармацевтските компании да развиваат вакцини и лекови, рече Лоренс Гостин, правен експерт за јавно здравје на Универзитетот Џорџтаун.

„Според мене, тоа е најштетната претседателска одлука во мојот живот“, рече тој.

Светската здравствена организација е задолжена за координирање на одговорите на глобалните здравствени закани како што се мајмунските сипаници, еболата и епидемиите на детска парализа. Исто така, обезбедува техничка помош на посиромашните земји, помага во дистрибуцијата на вакцини, обезбедува третмани и поставува упатства за стотици здравствени состојби, вклучувајќи ментално здравје и рак.

Скоро секоја земја во светот е членка на оваа организација.

Американските претставници помогнаа во формирањето на СЗО, а САД долго време се меѓу нејзините најголеми донатори, обезбедувајќи стотици милиони долари и стотици експерти за јавно здравје.

Во просек, САД плаќаат 111 милиони долари годишно за членство во СЗО и уште 570 милиони долари во доброволни прилози, пресмета американското Министерство за здравство.

Во извршна наредба веднаш по преземањето на функцијата, Трамп рече дека САД се повлекуваат од СЗО затоа што веруваат дека организацијата погрешно се справила со пандемијата Ковид-19 и другите глобални здравствени кризи. Тој, исто така, како причина наведе дека агенцијата не ги спроведела итно потребните реформи и дека не можела да покаже независност од „несоодветно политичко влијание на земјите-членки на СЗО“.

СЗО, како и другите јавни здравствени организации, направи скапи грешки за време на пандемијата, вклучително и во еден момент советувајќи ги луѓето да не носат заштитни маски. СЗО, исто така, тврдеше дека Ковид-19 не се пренесува преку воздух и официјално го повлече тој став дури во 2024 година.

Друга од забелешките на Трамп беше дека ниту еден од директорите на СЗО, од кои има девет откако е формирана во 1948 година, не бил Американец. Претставници на американската администрација веруваат дека ова е неправедно со оглед на тоа колку СЗО се потпира на финансиските придонеси на САД и персоналот од американските Центри за контрола и превенција на болести.

Експертите велат дека излегувањето на САД би можело да осакати многу глобални здравствени иницијативи, вклучително и искоренување на полио, програми за здравје на мајки и деца и истражувања за идентификување на нови вирусни закани.

САД престанаа официјално да учествуваат во комитетите на СЗО, управните тела, управните структури и техничките работни групи. Исто така, САД повеќе не учествуваат во глобалното споделување информации за грип што ги информираат одлуките за вакцини.

Службениците на администрацијата на Трамп велат дека веќе имаат односи со многу земји во областа на јавното здравје и работат на обезбедување директна размена на информации, наместо да бидат посредувани од СЗО. Меѓутоа, тие не дадоа конкретни примери за тоа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата