САД и Мексико се согласија за зајакнување на борбата против трговијата со дрога

16.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД и Мексико се согласија за зајакнување на борбата против трговијата со дрога

Мексиканскиот министер за надворешни работи Хуан Рамон дела Фуенте и државниот секретар на САД, Марко Рубио, доцна имаа телефонски разговор во кој изразија согласност дека мора да се направи повеќе за двете земји да може да се справат со заедничките закани со кои се соочуваат, пренесе агенцијата ЕФЕ.

Во заедничкото соопштение тие ја потврдија важноста на партнерството меѓу САД и Мексико, засновано на заемно почитување на суверенитетот, истовремено признавајќи дека и покрај постигнатиот напредок, „сè уште постојат значителни предизвици“. Разговорот се одржа во контекст на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можни копнени воени дејства во Мексико насочени против наркокартелите.

Во тој контекст страните се договорија билатералната група за спроведување на безбедносните мерки, чија следна средба е закажана за 23 јануари, да ги зајакне дејствија против картелите и трговијата со фентанил и оружје преку границата. Освен тоа, беше одлучено следниот месец во Вашингтон да се одржи средба на министрите за безбедност.

Во посебно соопштение на социјалните мрежи Бирото за прашања на западната хемисфера при Стејт департментот на САД ја нагласи потребата од „конкретни, проверливи резултати“ од страна на Мексико против наркотерористичките мрежи истакнувајќи дека бавниот напредок поврзан со граничната безбедност е неприфатлив.

Разговорот меѓу министрите за надворешни работи следуваше по оној меѓу Трамп и мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, која изјави дека американска воена интервенција во Мексико е исклучена. Шејнбаум во средбата не ја исклучи можноста за лична средба со Трамп по официјалните настани поврзани со годишнината од неговото стапување на должност на 20 јануари.

Мексиканската претседателка нагласи дека двете земји имаат широк список на заеднички задачи вклучувајќи ја и подготовката за Светското првенство во фудбал, на кое Мексико ќе биде домаќин заедно со САД и Канада и кое ќе биде отворено во Мексико на 11 јуни.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата