Царини од 15 проценти за европските производи и набавка на американски енергенси и воена опрема во вредност од стотици милијарди долари – ова е дел од историскиот трговски договор кој САД и ЕУ го постигнаа по неколку месечни тешки преговори. Во рамки на договореното Унијата нема да воведе дополнителни царини за американски стоки, а САД ќе ги задржи царините од 50 проценти за челик и алуминиум. Сепак, на заедничка прес-конференија и американскиот претседател Трамп и шефицата на ЕК, Фон дер Лајен, изразија задоволство од постигнатиот договор кој оценија дека ќе донесе стабилност и предвидливост во односите преку Атлантикот.
-Постигнавме договор. Верувам дека ова е добар договор за сите. ЕУ ќе се согласи да купи од САД енергија во вредност од 750 милијарди долари. Тие ќе се согласат да инвестираат во САД 600 милијарди долари повеќе од тоа што го инвестираат до сега. Тие ќе се согласат да ги отворат нивните земји за трговија без царини. Тоа е голем фактор, да ги отворат нивните земји, сите земји ќе бидат отворени за трговија со САД без царини и се согласуваат да купат огромна количина на воено оружје,- - Доналд Трамп – Претседател на САД.
-Ова е голем договор, ова е огромен договор. Ќе донесе стабилност, предвидливост, тоа е многу важно за нашите бизниси преку Атлантикот. Тоа се 15 проценти царини за се вклучено. Почетната точка (во преговорите) беше дека има нерамнотежа вишок од наша страна и дефицит на страната на САД и ние сакавме да ја балансираме трговската врска и сакавме да го направиме тоа на начин за трговијата да продолжи меѓу нас преку Атлантикот,- - Урсула Фон дер Лајен.
Од импликациите на трговскиот договор засегната е и Македонија, особено компаниите од земјава кои преку Унијата извезуваат производи во САД. Премиерот Мицкоски го поздрави успешното завршување на преговорите и најави дека до крајот на неделава ќе биде познато и колкава ќе биде царината за извозот на македонските производи во САД.
-Бидејќи.... Ако ЕУ е задоволна од договорот, и ние сме задоволни / Очекуваме во рамките на оваа недела да биде целиот процес завршен, од тоа до сега како се одвиваат преговорите, а веќе имаше три рунди на преговори, последните беа во петокот, ги водат претставници од многу институции со претставници на многу институции во рамки на администрацијата на претседателот Трамп, тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји и очекувам убави вести за македонските граѓани, за македонските извозници во САД. - Христијан Мицкоски – Претседател на владата.
Исходот од договореното наиде на бура од реакции во Европа. Германија и Италија го поздравија како обид да се спречи трговска војна со САД. Унгарскиот премиер Виктор Орбан пак, го оцени како фијаско на Унијата, а францускиот премиер Бајру како кат на потчинетост и тажен ден за Европа. Со коментар се огласија и од официјален Кремљ од каде порачаа дека договорот според нив е анти руски и понижувачки за европјаните.