Руте продолжи да го фали Трамп за нападите во Иран и покрај проценката на американското разузнавање

25.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руте продолжи да го фали Трамп за нападите во Иран и покрај проценката на американското разузнавање

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска повтори дека стои зад своите пофалби за американскиот претседател Доналд Трамп за тоа што го нарече „одлучувачка акција во Иран“, и покрај медиумските извештаи што го доведуваат во прашање вистинското влијание на овие напади.

Руте вчера испрати честитки до претседателот Трамп, кои американскиот претседател потоа ги објави на социјалните мрежи, нарекувајќи го американскиот напад врз Иран „навистина вонреден“.

Утрово на самитот на НАТО во Холандија, Руте повтори дека не се откажува од таа проценка.

„Четиринаесет огромни бомби фрлени врз нуклеарен објект во Иран - мислам дека тоа беше клучно за да се направи сè што е можно за да се уништи нуклеарниот капацитет на Иран, кој според гледна точка на НАТО, таа земја никогаш не треба да го достигне“, им рече Руте на новинарите.

Неговите забелешки доаѓаат еден ден откако Си-Ен-Ен објави дека прелиминарната проценка на американската воена разузнавачка служба сугерира дека нападите не уништиле клучни компоненти на иранската нуклеарна програма, туку веројатно ја одложиле за неколку месеци. Таа проценка, според Си-Ен-Ен, ја опишале седум извори запознаени со нејзината содржина.

И покрај овие откритија, Руте ја повтори својата поддршка за активностите на САД и Трамп, нагласувајќи дека спречувањето на нуклеарното оружје на Иран е долгогодишен приоритет на Алијансата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата