Во говорот пред украинскиот Парламент, Руте нагласи дека програмата за воена помош на Украина обезбедува 90 отсто од одбранбените ракети што ги користат украинските сили.
Од парламентарната говорница, генералниот секретар на НАТО рече дека за него е голема чест да биде присутен во срцето на една жива, демократска Украина. Тој истакна дека украинскиот народ се бори со голема упорност и храброст и нагласи дека пратениците го претставуваат народот кој продолжува да работи дури и во услови на секојдневно бомбардирање.
Руте пристигна во Киев неколку часа по новиот масовен руски напад, што остави делови од украинската престолнина без греење, среде рекорден студ, забележуваат француските медиуми.
Пред говорот, генералниот секретар и украинскиот претседател Володимир Зеленски положија свеќи на импровизираниот споменик на војниците кои загинаа од почетокот на руската инвазија, што се наоѓа на централниот плоштад во Киев, покажува видео објавено од Зеленски на социјалните мрежи.
ДПА денеска објави дека со најновите руски напади заврши енергетското примирје.
„Целите не беа воени. Тие беа исклучиво цивилни: стотици илјади семејства, вклучувајќи деца, намерно оставени без греење во најтешкиот зимски студ“, нагласи Денис Шмихал, министер за енергетика на Украина. Според него, нападите биле насочени кон термоцентрали и згради.
Рускиот напад во Киев, исто така, оштети познат споменик од советската ера подигнат во украинскиот главен град за да се одбележи победата над нацизмот, истакна украинската министерка за култура Татјана Бережна, цитирана од француските медиуми.
„Русите ја оштетија Салата на славните на Националниот историски музеј на Украина за Втората светска војна, која се наоѓа во подножјето на споменикот на татковината - џиновска статуа на жена што држи меч и штит, која се наоѓа на историско место во Киев“, прецизираше таа.

