- Мораме да обезбедиме Украина никогаш да не биде повторно нападната по постигнувањето примирје или мировен договор. Путин мора да сфати дека уште еден напад би бил погубен за него, нагласи Руте за германски „Билд“.
Тој додаде дека постојат три нивоа на безбедносни гаранции за да се постигне таа цел. Првото ниво се, како што наведе, украинските вооружени сили, кои мора да бидат во одлична состојба и способни да ја заштитат земјата дури и по војната или долгорочното примирје. Руте укажа дека второто ниво на гаранции е Коалицијата на подготвените, предводена од Франција и Велика Британија, со учество на Германија и други земји. Тој истакна дека некои европски земји изразиле подготвеност да испратат војници, иако не наведе детали. Според Руте, третото ниво на гаранции го претставуваат Соединетите Американски Држави, чиј претседател Доналд Трамп во август изрази подготвеност за тоа.
Шефот на НАТО нагласи дека партнерите сега работат на тоа да ги комбинираат овие три елементи за рускиот претседател многу јасно да сфати дека никогаш повеќе не би требало да ја нападне Украина.
Руте укажа дека е уверен оти Трамп е апсолутно посветен и фокусиран на ставање крај на војната.
- Тој беше единствениот способен да го донесе Путин на преговарачка маса и единствениот кој на крајот може да го принуди да склучи мир. Јас поради тоа многу го почитувам, истакна генералниот секретар на Алијансата.
Руте додаде дека не верува оти Американците во целост ќе престанат да ѝ помагаат на Украина, ниту пак дека САД би можеле да се повлечат од НАТО. Како што наведе, тој е апсолутно уверен дека Европјаните ќе можат да се потпрат на Трамп во кризна ситуација.
Одговарајќи на прашањето зошто е толку тешко да се постигне мир во Украина, Руте наведе дека, според него, причината за тоа е рускиот претседател Путин, кој, како што рече, е „подготвен да жртвува 1,1 милион свои граѓани“. Според Руте, Путин оваа година остварил многу мал напредок и минимални територијални придобивки.
Функционерот на НАТО истакна дека постојат два главни предизвици, а тоа се итната потреба земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана и производство на оружје, како и да обезбедат Украина да остане што е можно посилна во текот на својата борба.
- Ако Русија оствари контрола над цела Украина, тоа ќе има огромни последици по НАТО, а ние ќе мораме да издвојуваме многу повеќе отколку што се договоривме во Хаг. Доколку се држиме до тие цели, тогаш ќе останеме во предност пред Русија и ќе бидеме многу посилни, заклучи Руте.

